ЕУ и „Фајзер“ потпишаа нов договор за набавка на 1,8 милијарди дози вакцини


Европската Унија потпиша нов договор со „Фајзер/Бионтек“ за набавка на 1,8 милијарди дози вакцини против Ковид-19 од 2021 до 2023 година, кои ќе ги покриваат залихите, донациите и препродажбата на дозите, објави Европската комисија.

„Среќна сум што можам да објавам дека ЕК штотуку го одобри договорот за загарантирани 900 милиони дози (+900 милиони можни) со „Бионтек/Фајзер“ за периодот 2021-2023“, напиша шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен на Твитер.

„Ќе следат и други договори и други технологии на вакцини“, најави таа.

ЕК, порано оваа недела, најави дека во јули ќе има доволно вакцини за 70 отсто од возрасното население на ЕУ.

Во второто тромесечие земјите челнки на ЕУ треба да добијат вкупно 410 милиони дози вакцини, најмногу од „Фајзер/Бионтек“ 250 милиони, „АстраЗенека“ 70 милиони, „Џонсон и Џонсон“ 55 милиони и „Модерна“ 35 милиони.