ЕУ досега одвои 42 милиони евра за енергетската транзиција на Северна Македонија
Урсула фон дер Лајен, ќе ја претстави и дополнителната поддршка што ЕУ ќе ѝ ја даде на земјава и на регионот за да помогне во ублажувањето на енергетската криза
За време на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Северна Македонија, ќе биде претставена и дополнителната поддршка што ЕУ ќе ѝ ја даде на земјава и на регионот за да помогне во ублажувањето на влијанијата од актуелната енергетска криза.
Работејќи заедно, ЕУ и Северна Македонија ќе се обидат да се справат со актуелните предизвици во енергетскиот сектор и да го намалат нивното влијание врз земјата и нејзините граѓани, посочуваат од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Од таму додаваат дека ЕУ веќе инвестираше значителни ресурси за да помогне во енергетската транзиција во земјата, што веќе придонесе да се подготви земјата подобро да се справи со кризата како што е сегашната, како и да работи на постигнување на нејзините климатски цели.
Со текот на годините, Европската унија директно, како и Тимот Европа, ја поддржуваа Северна Македонија со значителна помош во енергетскиот сектор. Поголемиот дел од тие пари се заеми од повеќе банки, а 42,3 милиони евра се грантови на Европската унија преку повеќе фондови.
Помош од ЕУ во енергетскиот сектор:
– „Осломеј 2“ и Сончеви фотоволтаични централи Битола – вкупна вредност од 30 милиони евра од кои 5 милиони евра се грант од ЕУ (преку ИРЗБ) + 25 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР. Откако ќе станат оперативни, овие нови капацитети ќе произведуваат доволно за снабдување со електрична енергија на 10.000 домови и ќе заменат 44.000 тони CO2 годишно.
– Ветерниот парк „Богданци“ – вкупна вредност од 76 милиони евра од кои 0,4 милиони евра грант обезбедени од ЕУ (преку ИРЗБ) + 65,9 милиони евра заем од KfW развојна банка + 9,7 милиони евра придонес на корисникот. „Богданци“ е првиот ветерен парк во Северна Македонија кој поради големиот ветерен енергетски потенцијал произведува околу 100 GWh годишно. Ова е еквивалентно на снабдување со енергија за повеќе од 16.000 домаќинства или околу 65.000 граѓани на југот на земјата.
– Фонд на доверители на ЕУ – вкупна вредност од 20,7 милиони евра кои беа доделени за проекти за општински грантови и за набавка на фотоволтаични панели во јавни згради. ЕУ обезбеди 15,5 милиони евра во рамките на ИПА, додека 5,2 милиони евра беа национално кофинансирање. Во рамките на овој проект беа финансирани вкупно 133 општински проекти во 78 општини. Дополнително, на покривите на 108 јавни згради во 36 општини сега се поставени соларни фотоволтаични (PV) панели.
– Енергетска интерконекција-мрежа, делот во Северна Македонија – вкупна вредност од 51,7 милиони евра, од кои 13,7 милиони евра грант се обезбедени од ЕУ (преку ИРЗБ), 37 милиони евра се заем од Европската банка за Обнова и развој – ЕБОР, додека 1 милион евра се придонес од страна на корисникот. Овој проект е дел од иницијативата на Европската комисија за воспоставување коридор за пренос на електрична енергија Исток-Запад помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија. Со него се предвидува изградба на 400 kV преносен систем од Битола до Охрид и оттаму до границата со Албанија.
– Програма GEFF за зелени проекти во Западен Балкан и Програма за поддршка на конкурентноста на малите и средни претпријатија во Западен Балкан. Програмата се состоеше од две компоненти: Поддршка за домаќинствата – 26 милиони евра заеми + 4,7 милиони евра стимулации за грантови за 3.500 домаќинства; Поддршка за конкурентност на МСП – 45,25 милиони евра за 214 МСП.
– Поддршка на ЕУ за енергетска ефикасност во прекуграничната област – вкупно 3,45 милиони евра, од кои 3 милиони евра обезбедени од ЕУ (во рамките на ИПА), а 15 отсто се национално кофинансирање.
Овие проекти за прекугранична соработка за енергетска ефикасност беа спроведени во партнерство со општините од Северна Македонија и пограничните соседни општини во Бугарија и Грција.