ЕУ барала детално објаснување, владата не се откажува од европското знаменце

„Со измените само ќе ги ставиме во петта брзина сите институции“, тврдат од Владата. Европското знаменце е начин да се прескокнат блокадите на опозицијата


 

Европската унија побарала детално објаснување од владата зошто токму на ваков начин, со специјален закон, директна спогодба и европско знаменце, ќе се градат новите коридори од страна на „Бехтел и Енка“, но тоа нема да ја запре започнатата процедура за измени на законите кои треба да овозможат тие да бидат завршени за четири години.  „Единствен начин да обезбедиме реализација на ваков голем инфраструктурен проект е да ги смените законите  за урбанистичко планирање и градба  бидејќи со сегашните тоа е невозможно“, реагираат од владата на ваквото барање на Брисел. 

„Со сегашните закони, само за одобрување на ваков проект ни требаат шест месеци, а за експропријација шест години. Со измените рокот  за одобрување на проектот  за патот Прилеп- Битола е само еден месец. Практично само се избегнуваат административните процедури. Сега имаме систем како да градиме автопати 50 години“, тврди извор од Владата. Ако не почнеме да го менуваме тој систем, порачуваат тие, работите ќе се одбиваат бавно како и досега, при што нелогично е да има иста процедура за градење за станбен објект и за градење на инфраструктурен проект од стратешко значење. 

„Со измените само ќе ги ставиме во петта брзина сите институции“, тврдат од Владата, каде не кријат дека европското знаменце е начин да се прескокнат блокадите на опозицијата, која според нив  блокира само за да блокира и дека законските измени ќе се применуваат и на сите други инфраструктурни проекти – патни, железнички, гасни – кои се финансираат или ќе се финансираат со европски пари. 

„Држава што нема коридори и  што е енергетски зависна нема шанси за развој “, посочуваат од Владата илустрирајќи го тврдењето со растот од два до дваипол отсто изминатите години кој не е доволен за Македонија. Критиките дека со директниот договор се прави добра зделка за „Бехтел и Енка“ се отфрла со оценката дека „оваа компанија е премногу голема за ние да и правиме услуга“. 

За обвинувањата дека цената на чинење на автопатите не е фиксно утврдена бидејќи не се направени се уште ни проектите и дека може да биде многу поголема, од Владата велат дека цената за автопатот Кичево-Охрид беше фиксно утврдена на 400 милиони евра, а сега стигна до 600 милиони и патот се уште е во изградба. Така што и таквиот пристап на работа не гарантира колку ќе треба да се платат коридорите по четири години. Уште повеќе од Владата порачуваат дека нема ниту еден проект за автопат што чинел толку колку што биле проекциите на почетокот, така што не може од сега да се фиксираат трошоците во наредните четири години, но измените на законите треба да овозможат побрзо да се завршат и со тоа да бидат помали трошоците. 

На забелешката зошто не се менува системот што според нив не функционира па да се градат коридорите место обратно, да се менуваат законите за системот да функционира, од Владата посочија на искуството со регулативата за инсталирање фотоволтаици кој, според нив, пред да се смени, била регулатива како да не постојат фотоволтаици, па од 18 мегавати произведена електрична енергија претходната година,  оваа стигнавме до 283 мегавати.

„Веруваме дека ова лето ќе извеуваме струја во Грција која има зголемена потрошувачка во пикот на туристичката сезона, а нам тогаш нема да ни треба“, вели извор од владата, гарантирајќи дека кога ќе се гради делот од пругата кај Струга во рамките на Коридорот осум – ЕУ сами ќе дојдат да финансираат. 

„Знаете ли како градат Кинези автопати? Прашајте го министерот Благој Бовчарски… За сѐ што треба Кинезот ќе ви каже дека треба прво да го праша Си Џинпинг“, објаснуваат од власта зошто се решиле на ваков вид спогодба со „Бехтел и Енка“.  Според оценката, и да е ЕУ против европското знаменце, овие измени ќе помогнат да одат побрзо и европските стратешки проекти, при што се спомна поврзување на Македонија со четири гасни конектори, создавање регионален 800 мегаватен енергетски центар во Неготино за три земји вклучувајќи ја и нашата, продолжување на брзата пруга до Скопје за што се планира потпишување меморандум со Србија и други проекти. 

„Со американските партнери не разговаравме  многу за ‘Бехтел и Енка’, бидејќи во Собранието е изгласан закон. Немаше пратеник што беше против. Проектот е веќе започнат, машините се на терен и нема да запрат. Законските измени мора да поминат во Собранито, бидејќи ќе се забрза работата на терен. Впрочем, тоа го бараат и нашите домашни компании“, порачаа од Владата.

На прашањето дали власта преговара со ВМРО-ДПМНЕ за законите за коридорите одговорот беше кратко – да, преговараме. Дали пак преговараат со Левица? – одговорот беше категорично не, во силот: „Со кого? Со Левица? Левица вика да одиме во Кина и во Индија, што да преговараме со нив?“