Естонскиот модел за малцинствата, друга планета за Македонија

Иако во Естонија живеат околу 29 отсто жители кои зборуваат руски нивните права имаат ограничувања. Државата не ги спречува да говорат руски, но руските имиња се пишуваат само на естонски јазик во личните документи. Ваквиот однос е главно последица на двете советски окупации во последните сто години


 

Неколку часа лет од Естонија до Македонија, и првиот впечаток е дека дистанцата не е само географска, туку и ментална. Откако ќе се изнаслушате дека Естонија е најбрзорастечка европска економија, дека е најдигитализирана нација не само во Европа туку и во светот, дека има најдобро образование во Европа и дека зборот иновативност е најомилениот, ве дочекува вест во Македонија дека конечно ќе сме добиле премиер Албанец, а целта сега е – да има и Албанец претседател.

Наспроти Естонија каде што сметаат дека не се толку богати да трупаат јавна администрација и да губат време и пари на издавање документи на хартија, кај нас продолжува да се надградува најбитната агенда – да се инсталира Албанец на секоја можна функција, го бивало за неа или не и тоа да биде главниот критериум.

Колку и да се гордее Македонија со својот модел на мултиетничност, кога ќе го сооочите со други, почнува да личи анахронично, најмногу од сѐ бидејќи стана цел сам за себе и не ја води економски државата напред, туку ја уназадува. Имено, наспроти Естонија која прави сѐ да ја намали администрацијата, кај нас таа мора постојано да се пополнува со нови етнички и партиски кадри преку политички инжинеринг и во име на интеграција. Тој пак збор, интеграција, во Естонија има друга смисла, а историјата ќе покаже чиј модел е подобра гаранција за иднината.

Главниот град Талин е еден од најубавите во балтичките држави

Во моментов Естонија се подготвува за интегриран образовен систем од 2024 година кој подразбира сите деца од градинка па натаму да следат настава исклучиво на естонски јазик, а тие што зборуваат руски јазик да го учат само како наставен предмет, заедно со културата и со историјата. Убедени дека Русија го користи јазикот и културата на руското малцинство како оружје и дека двојазичниот образовен систем што постои од 1991 година е фактор за сегрегација на општеството, од идната година тој ќе замине во историјата. Образложението е дека образованието на руски јазик е понеквалитетно, а со оглед на различноста на двата јазика, бидејќи естонскиот е близок со финскиот, можностите за вработување и за напредок се многу помали за овие кадри во земјата.

Споредено со Македонија, естонската внатрешна етничка ситуација е далеку покомлексна. Во Естонија не зборуваат за руско малцинство, туку за Руси кои дошле во земјата по двете советски окупации. Пред да дојдат на крајот од 1930-ите, во Естонија нивниот процент бил до три отсто, а сега 24 отсто од нив се изјаснуваа како Руси, а уште пет проценти како граѓани кои зборуваат на руски јазик, така што оваа популација стига до 29 отсто. И тоа не е сѐ: во групата граѓани кои зборуваат руски јазик има и Украинци кои исто така беа дел од Советскиот Сојуз претходно, а кои сега сѐ повеќе го преиспитуваат своето етничко потекло и сѐ повеќе избираат да бидат – Естонци. Последните две години има и голем број бегалци од Украина, а споредено со бројот на жители, Естонија е земја со најмногу украински бегалци во светот. 

„Јас сум половина Латвиец, дел Ливониец (јазик на финска етничка група на северот на Латвија, чиј последен корисник умрел во 2013 година), малку Естонец и 10 отсто Русин. Зборувам естонски, а акцентот ми е руски“, вели Артур Аукон, заменик уредник во државното радио со програма на руски јазик.

Да биде уште покомплицирано, дури 80.000 жители на Естонија во рамките на тие што зборуваат руски не се изјаснуваат за државјанството, или едноставно кажано – го немаат. Останатите се изјаснуваат или како Руси, или како Естонци, а неопределените наводно ги користат привилегиите на недефинираниот статус – патуваат слободно и во Русија и во ЕУ. По војната во Украина нивниот статус, сепак, станува политичко прашање. Неодамна министерот за внатрешни работи Лаури Ланеметс ги предупреди жителите без државјанство дека ако прифатат руско државјанство како дел од кампањата за делење пасоши што ја започна Русија, тогаш нивната естонска дозвола за престој нема да биде продолжена и ќе се соочат со депортација.

„Ова е уште обид за влијание, насочен кон создавање нестабилност не само во балтичките земји, туку и во сите делови на поранешниот Советски Сојуз. Нашиот одговор е многу едноставен и недвосмислен: ако некој сака да земе вакво државјанство, ќе мора да разбере дека ќе ги санкционираме основите врз кои руските граѓани можат да останат во Естонија денес и можноста да дојдат да живеат во Естонија трајно или привремено. Со други зборови, ако тие имаат дозвола за престој во Естонија денес како носители на сив пасош и ако земат руско државјанство – државјанство на државата агресор – тогаш најверојатно ќе им биде одземена дозволата за престој“, рече министерот.

Тој смета дека кампањата за добивање државјанство на Русија нема да биде премногу успешна меѓу жителите на Естонија, бидејќи руската екстензивна агресија против Украина во 2022 година, всушност значително го зголемила интересот на руските граѓани кои живеат во Естонија да добијат естонско државјанство.

Ваквата најава сепак е во согласност со политиката на Естонија која не дозволува двојно државјанство за тие што живеат на нејзина територија. Во оваа држава дури и Русите велат дека тука не се работи за малцинство, не се работи за етничка припадност – туку се работи за идентитет. А, на многумина им е тешко да го одговорат тоа прашање.

„Ако ги прашате припадниците на руската говорна заедница дали се Естонци или Руси, тешко им е да одговорат. Не се чувствуваат како Руси, но не и како Естонци. Нивниот идентитет е – граѓани кои зборуваат руски, а живеат во Естонија“, нагласува Артур Аукон. Тоа се виде и од анкетата направена меѓу младата популација во земјата, каде што ист процент Естонци и Руси одговориле дека Естонија – е нивен дом.

Припадниците на руската говорна заедница главно живеат во Талин и во североисточниот дел на земјата Ида Виру, околу градот Нарва. Поради јазикот, главно се насочени кон руските информативни медиуми, но главната вест од анкетата беше дека само 10 отсто од нив им веруваат, иако пропагандата од Москва овде се смета за активност еднаква на војна. Сепак, само половината од нив им веруваат на естонските медиуми, наспроти Естонците кои им веруваат во огромен број, а земјата е на осмото место по слободата на медиумите во светот.

Дмитри Теперик на презентација на анкетите

„Процесот на интеграција и социјална кохезија во Естонија сѐ уште трае. Проблемот не е само во Москва туку и во Естонија, бидејќи Русија не креира слабости, туку гу користи тие што постојат во државите“, вели Дмитри Теперик од Меѓународниот центар за одбранбени студии. Според него, има политички партии кои ја користат „руската карта“ за популизам и за добивање гласови на избори и тие рускиот јазик од „оружје“ на Москва го претвораат во безбедносно и политичко прашање за Естонија. Во Талин практично е видливо и со очи колку е голем и вистински стравот дека Естонија може повторно да биде окупирана и дека по војната во Украина, ако победи Москва, тие се на ред.

„Не ни е лесно да ги прифатиме граѓаните што се од руската говорна заедница поради искуството од историјата и поради личните драми што ги имале многу семејства тука. Тоа е практично јазикот на нашиот непријател“, објаснува Теперик. Според него, за да постигнат социјална кохезија во општеството им треба време, а времето не е на нива страна, бидеји Русија им врши агресија, практично со сите сретства освен воени.

Ленин во повеќе изданија

Далеку од нашата практика околу правата на малцинствата, руските имиња се пишуваат само на естонски јазик во личните документи. Естонскиот е единствен државен јазик според уставот, па и во делот каде што живее мнозинството од руската говорна заедница, бидејќи тоа е јазик што се користи исклучиво и на локално ниво. Иако на многу места низ државата, а главно во приватниот сектор, може да се видат тријазични написи (естонски, руски и англиски), рускиот јазик го нема во судењата, во полицијата, во администрацијата воопшто, па и градоначалникот на Талин, каде што живее една третина од популацијата на Естонија, не зборува руски додека ја врши функцијата, иако има руско потекло.

Објаснувањето е дека претставниците на руското говорно подрачје, како и сите други, можат да зборуваат руски кога сакаат, никој не ги притиска да се откажат од идентитетот, но треба да го зборуваат естонскиот јазик, особено службено. Можат да бидат избрани во парламентот и на други функции, но немаат партија врз етничка основа, туку се присутни низ целиот идеолошки спектар на партии.

„Тие се државјани на Естониja, а не преставници на малцинство бидејќи се дојдени тука по руската окупација. Единствен државен јазик на Естонија е естонски и сите можности се отворени за тие што го зборуваат. Ова е држава на естонскиот народ, при што уставот вели дека задача на државата е да го заштити естонскиот народ, култура и иднина“, вели Теперик.

Овде никој не го поставува прашањето дали Естонците треба да учат руски за да се разберат, а задолжителното образование на естонски од идната година не сметаат дека води кон асимилација бидејќи двата јазика се многу различни.

Споменик на депортираните Естонци цивили за време на СССР, меѓу кои и мајката на премиерката Каја Калас

Околу дилемата какво е расположението во однос на руската воена агресија врз Украина, одговорот беше дека една третина од граѓаните се проукраински, една третина проруски, а на една третина – не им е гајле за војната. Велат дека немаат намера да го сменат мислењето на тие што го сакаат Путин бидејќи се демократија, но ако пропагираат на социјалните мрежи или го  поларизираат општеството, тогаш тие активности не се прифатливи, посочувајќи на три активисти кои биле депортирани во Русија.

Таа закана, од депортирање, сепак како да ги држи во страв тие што се изјасниле за руско државјанство или тие што одбиваат да се изјаснат за било што, бидејќи постапката е сепак условена. Секој што сака да добие естонски пасош од руската говорна заедница, што е дојден по окупацијата, мора да покаже и одредено ниво на знаење за јазикот и одредено знаење на уставот на земјата, што овде велат дека не е проблем воопшто – бидејќи им се става на маса кога аплицираат. По 1991 година пак морале да потпишуваат документ дека ја признаваат независноста на Естонија. Колку и да звучи радикално за нас, станува разбирливо кога на граничниот пункт меѓу Русија и Естонија блиску до Нарва, од руската страна стои билборд со поздрав – „Границите на Русија никаде не завршуваат“. А, Естонците ви велат – вие имате подобри соседи од нас!