ЕСМ склучи договор во четири очи со фирма партнер на „Марковски компани“
Компанијата „Топлина“ од охридското село Подмоље ќе копа јаглен и меѓуслојна јаловина од рудникот Брод-Гнеотино за потребите на РЕК „Битола“. Така решило раководството на државната компанија Електрани на Северна Македонија, по спроведената постапка со преговарање без објавување на оглас, позната како процедура „во четири очи“.
Според денешната објава на Бирото за јавни набавки, станува збор за рамковна спогодба. Тоа значи дека може, но не мора да се исцрпи целата вредност на договорот. А вредноста на договорот е околу 1.150.000 евра.
Дека договорот со „Топлина“ можеби е само привремено или изнудено решение говорат повеќе елементи. Спогодбата е склучена на шест месеци, а ваквите договори вообичаено се склучуваат на една до две години. Вкупната сума на договорот е (само) 1.150. 000 евра. За споредба, последниот ваков договор што го склучи претходното раководство на ЕСМ вредеше 46 милиони евра.Носител на набавката на тој договор вреден 46 милиони евра беше фирмата „Марковски компани“. Уште додека беше опозиција, ВМРО-ДПМНЕ го напаѓаше и тендерот и договорот. Неколку месеци по смената на власта, ЕСМ го раскина споменатиот тендер со „Марковски компани“. Образложението беше – носителот на набавката не ги извршувал обврските навремено и квалитетно.
Но, во тој толку оспоруван договор, „Марковски компани“ не беа сами. Имаа три фирми подизведувачи. Тие беа:
- „Сим инженеринг“ од Струмица;
- „Јавор-транс“ од Струмица;
- „Топлина“ од село Подмоље, Охрид.
Струмичките компании, низ годините се поврзуваат дел од поранешната власт. Па, тие беа редовен аргумент на ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за наместен тендер и тоа за лукративна корист првенци од тогашната власт. „Топлина“ никогаш не беше цел на напад. Единствен сопственик на фирмата „Топлина“ е бизнисменот Кирче Митрески, кој е и нејзин управител.
Тоа што не ја споменуваа на прес-конференциите, не значи дека „Топлина“ е непозната за ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, освен како подизведувач на „Марковски компани“ фирмата има седум поголеми самостојни договори за јавни набавки во последниве четири години. Сите се со општини и сите општини каде добила јавни набавки се управувани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ – Охрид, Битола, Прилеп и Виница. Дека фирмата која е регистирана во 2004 година бележи огромен раст токму во последниве години покажуваат и нејзините финансиски резултати.
Сепак, вкупните приходи на „Топлина“ се повисоки од тендерите кои можат да се најдат во базата на Бирото за јавни набавки. Тоа значи дека компанијата има добра деловна активност која не е директно поврзана со државни институции.
Она што е најважно е дека од потпишаните договори не може да се извлече заклучок дали договорот објавен денеска е „поевтин” од раскинатиот со „Марковски компани“. Проблемот е што сега се споменува цена и по ископана количина и по ископана енергетска вредност, додека во договорот со „Марковски компани“ се споменува само енергетската вредност.