ЕСГ стандардите за еколошко, социјално и корпоративно управување се важни и за македонските фирми
Антје Ванделт, директорката на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство денеска пораќа дека во светот кој брзо се менува, темата за ESG- стандардите кои се однесуваат на еколошко, социјално и корпоративно управување се повеќе се во фокусот на компаниите, инвеститорите и општеството.
„Ни Северна Македонија не може да отстапи од овие трендови. Одржливоста, општествената одговорност и транспарентното корпоративно управување повеќе не се прашања кои се поставени некаде на маргините, туку се клучни фактори за одржливоста на компаниите, особено кога Европа е најважниот економски партнер, а интеграцијата на земјата во ЕУ е главна цел“, вели Ванделт.
Таа посочува дека минатата недела, АХК Северна Македонија заедно со Македонско-Германското стопанско здружение формирале работната група во чиј фокус се ESG-стандардите.
„Нашата прва средба јасно покажа дека постои голем интерес кај нашите компании членки и партнери да се делува во оваа област. Компаниите во Северна Македонија, исто така, се повеќе препознаваат дека ESG-стандардите не е само предизвик, туку и можност за зајакнување на нивната конкурентност, минимизирање на ризиците и градење доверба со клиентите и партнерите“, вели таа.
Пример за зголемениот интерес беше и панел дискусијата на оваа тема која се одржа во организација на ЕОС Матрих, компанија членка на Македонско-Германското стопанско здружение. На панелот се говореше за стекнатите сознанија кои се однесуваат на предизвиците, но беа споделени и практични совети за интегрирање на Good Governance во компаниите и организациите.
„Како АХК Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение, сметаме дека е наша задача да ги придружуваме нашите компании членки, партнери и клиенти во спроведувањето на ESG-стандардите, да ја промовираме размената на искуства, како и да понудиме практична поддршка. Заеднички да се поттикнуваме, да го споделуваме стекнатото знаење и да развиеме решенија кои ги задоволуваат специфичните потреби на нашиот регион. Со нетрпение чекаме да тргнеме по овој пат заедно со вас и да ги поставиме постулатите за одржлив и одговорен економски развој“, вели Ванделт.