Есен е време на вируси, носите маски низ гужви во затворени простории, предупредуваат епидемиолозите
Препораката е дека секој што е болен треба пет дена да седи дома, дали било тоа ковид, грип, настинка или вирус. Ако баш мора да излезе, тогаш да носи маска
После познатите подваријанти Кракен и Ерис, кои се сѐ уште присутни, Омикрон доби уште една подваријанта Пирола, која што значајно се разликува од своите претходници и поради тоа Светска здравствена организација (СЗО) оваа подваријанта ја означи како „варијанта под надзор” а тоа значи дека во сите земји треба да се следи.
Независно од симптомите на последните подваријанти, симптомите и клиничката слика што ја развива, сепак опасноста по возрасните лица, лица со хронични и ретки заболувања како и со коморбидитети е висока и треба потрезвено да се внимава. Секвенционирање дали Пирола и која подваријанта ја има во Македонија Институтот за јавно здравје се прави периодично и тогаш ќе се знае. Во меѓувреме лекарите од регионот алармираат дека сегашните тестови не ја детектираат варијантата „пирола“.
Во меѓувреме низ Европа и регионот се шири подваријантата ЕГ.5 именувана како ерис, која е детектирана и во Србија, како што известува тамошниот Институт за вирусологија и јавно здравство. Во Македонија последните податоци се од јули, барем според интернет страницата, кога со тест биле регистрирани 23 случаи на Ковид-19, со најголема инциденца во Кавадарци.
По САД и Канада, Европската комисија вчера одобри употреба на адаптираната вакцина против корона вирусот „Спајквакс Икс-Бе-Бе.1.5“ („Spikevax XBB.1.5“) за есенските кампањи за вакцинација во земјите членки на ЕУ. Како што соопшти Еврокомисијата, станува збор за трета адаптација на оваа вакцина на производителот „Модерна“ со цел да одговори на новите варијанти на Ковид-19.
Еврокомесарката за здравство и безбедност на храната, Стела Киријакидес истакна дека вакцинацијата останува најефикасна алатка против вирусите на Ковид-19 и сезонскиот грип кои се очекува да циркулираат оваа есен и зима.
Епидемиологот д-р Драган Даниловски за ТВ21 вели дека бран ќе има, како што си е редот со сите респираторни вируси во есен и зима.
„Секој што ќе се инфицира, дополнително ќе си го освежи имунитетот. Короната дефинитивно ќе остане меѓу нас, меѓу сите други вируси, педизвикувачи на настинки, грип. Нека му ја мислат и нека внимаваат само многу старите граѓани и оние со хронични болести. За нив било која настинка може да доведе до хоспитализација. Затоа, апсолутно аналогно на грипот, нека си размислат за вакцинирање не само против грип, туку и против корона. Паметно би било и маска да си стават кога се движат низ гужви во затворени простори. Ситуацијата ќе беше побезбедна за нив, ако државата имаше слух и веќе го имаше увезено лекот Паксловид, кој дефинитивно живот спасува“, рече Даниловски.
Д-р Никола Пановски во разговор за ТВ21, вели дека тоа се варијанти се уште од омикрон мутацијата и ги има повеќе.
„Факт е дека нема потреба од посебни мерки сега за сега, за тоа комисијата ќе си одлучи. Симптомите не се нешто различни и тешко се препознава дали е тоа или некоја друга инфекција. Губењето на мирис и вкус е на 11-то место, тоа не е често сега. Препораката е дека секој што е болен треба пет дена да седи дома, дали било тоа ковид, грип, настинка или вирус, да седи дома. Ако баш мора да излезе, тогаш да носи маска. Маска сега треба да носат болните и дополнително да се внимава на повозрасните луѓе, особено да се внимава кога се оди кај повозрасни луѓе што имаат други болести, кога сме настинати да направиме заштита или ако е возможно да немаме контакт со тие лица во затворено.“, рече Пановски.
Пановски додава дека логично е и се очекува во ноември-декември да има поголем број случаи и со тоа треба да се навикнеме дека покрај грипот, настинката, имаме уште една болест која ќе биде со нас повремено, ќе се јават и нови соеви, повремено ќе ни паѓа имунитетот што сме го стекнале, без разлика дали е вакцинален или природен.
„Независен“ чека одговор од д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, дали и во Македонија ќе се дава ажурираната есенска вакцина против Ковид одобрена во ЕУ.