Ердоган лут на Мицотакис: „Повеќе не постои за мене“


 Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска рече дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повеќе не постои за него по забелешките и критиките кон Турција за време на неговата неодамнешна посета на САД.

Во телевизиско обраќање по состанокот на владата, Ердоган рече дека Мицотакис зборувал против Турција и побарал од Конгресот на САД да не дозволи борбени авиони Ф-16 да и се продаваат на Турција.

-И покрај тоа, минатата недела тој ги посети САД и зборуваше во Конгресот и ги предупреди да не ни даваат Ф-16, истакна тој.

– Тој веќе постои за мене. Никогаш нема да се согласам да се сретнам со него. Ќе продолжиме напред со чесни политичари, рече Ердоган, додавајќи дека состанокот на Стратешкиот совет планиран да се одржи наскоро со Грција повеќе нема да се одржува.

Администрацијата на Џо Бајден бара од Конгресот да ја одобри продажбата.

За време на неговата посета на Вашингтон минатата недела, Мицотакис предупреди на заедничката седница на Конгресот против поддршката на предложената воена продажба на Бајден на Турција, тврдејќи дека таквиот потег може да создаде дополнителна нестабилност во регионот.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому во реакцијата за ставот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека за него Мицотакис „повеќе не постои“, рече дека политиката на Владата  е политика на принципи, како и дека „нема да влезат во конфронтација на изјави со власта во Турција“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Премиерот Киријакос Мицотакис силно и ефикасно ги брани и нашите национални права и меѓународниот легитимитет. Грчката надворешна политика силно се заснова на историјата, меѓународното право и нашите сојузи, колку тоа и да им пречи на некои. Нема да влеземе во конфронтација со изјави со раководството на Турција. Нашата политика е политика на принципи, рече Иконому.