Епископот Давид им се закани на пратениците, ќе биле запишувани во тефтери
Црквата го зголемува притисокот против законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција. Викарниот епископ на Скопската епархија, со титула епископ Давид Дремвитски, порача да се запишат имињата на пратениците во македонскиот парламент кои ќе гласаат за законите за Црквата да може да ги лиши од венчавки, крштевки, погреби.
Тој оценува дека законското решение за родова еднаквост е „израз на најновиот вид анархија, продуцирана директно од државата, бидејќи таа не го слуша гласот на народот“.
Многумина реагираа на ваквото црковно проповедништво, меѓу нив и професорката Мирјана Најчевска. Таа рече дека ваквите изјави доаѓаат од „црковна мафија“.
„Ова во духот на христијанството и она нека фрли камен тој кој не грешел и сврти го и другиот образ и сакај го ближниот свој и само Бог казнува и сите сме Божји деца и …
А можеби кога веќе имаме ваква агресивна Црква во Собранието да бидат само некрстени како мене кои не се зависни од црковната мафија“, порача таа на својот Фејсбук профил.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска во 18 часот организира протиестен собир пред Соворниот храм во Скопје поради односот на власта кон нивното барање за повлекување од собраниска процедура на предлог законите за матична евиденција и за родова еднаквост, бидејќи ги сметаат за сериозна закана за општеството и семејството.