Енергетски ефикасни решенија во основните училишта во Општина Ѓорче Петров


На вчера одржаната 11-та седница на Советот на Општина Ѓорче Петров едногласно од сите членови на Советот беа изгласани две суштински одлуки за граѓаните на Ѓорче Петров, информираше градоначалникот Александар Стојкоски.

Првата е одлука за намера за реализација на проекти со заем од Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој е изразена намерата за поставување фотоволтаични системи, енергетски-ефикасни фасади (изолација на надворешни ѕидови) и системи за ладење и греење (топлински/термални пумпи) во основните училишта на територија на Општина Ѓорче Петров.

-Во услови на зголемување на цените на електрична енергија и останатите енергенси, пристапуваме кон воспоставување на енергетски ефикасни решенија во основните училишта во Општина Ѓорче Петров, со кои освен што долгорочно придонесуваме во намалување на трошоците, воедно придонесуваме и кон заштита на животната средина, вели Стојкоски.

Втората е одлука за утврдување на потреба од користење на финансиски средства од Буџетот на Општина Ѓорче Петров, за решавање на проблемот со одведување на водата која извира во месноста Стопански двор Волково, како и чистење на каналите за одводнување во населените места во општината.-

Проблемот со водата во Стопански двор постои подолг временски период, а во последно време почна да извира вода од повеќе места како од локалните патишта така и од подрумите на куќите и шахтите. Преку склучување на Договор со АД „Водостопанство“ во државна сопственост – Подружница Скопско поле Скопје, кој веќе има работено на овој канал, ги знае предизвиците и проблемите на ова населено место, ќе го решиме овој проблем кој го имаат граѓаните од Стопански двор и околните населени места, појасни градоначалникот кој уште еднаш порача дека се работи посветено за подобрување на условите во Ѓорче Петров, решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните и придонес кон заштита на животната средина.