Емоција, тоа е Калиопи: И старо и младо на нозе на магичниот концерт на Хераклеа
Два часа емоции, врвна музика, хитови кои се вечни и новите кои допрва ќе станат, ни приреди поп-дивата Калиопи, синоќа, под ѕвездено небо, во магичната Хераклеа, каде и илјадници години старите камења вибрираа од добра музика и позитивна енергија. Тоа го може само милата Калиопи која беше во топ-форма и со гласот и со досетките, како прекрасен домаќин која се враќа во Битола по осум години во најдоброто издание досега. Ама лесно и на Опи да одржи незаборавен концерт, кога има врвен репертоар со брзи, заразни песни и балади кои се веќе евергрини во целиот регион. А нејзиното македонско музичко патешествие низ родната Македонија, штотуку почна. Ова беше прво загревање пред концертите во Охрид, на Илинден (2 август), и на 19 октомви во Скопје. Го чекаше вистинското време за да ѝ го даде најдоброто од себе на Македонија. Сега е тоа време. А потоа на ред е регионална турнеја.
Калиопи кога пееше лебдеше на сцена, публиката во амфитеатарот ја враќаше на земја и обратно. А таа, како врвен професионалец, која два пати се пресоблече на сцената, цупкаше како млада девојка, на високите потпетици, прво во црн класичен костум, а потоа го соблече црното сако и облече бела кошула. Стариот-нов бенд ја следеше во чекор, како и врвните придружни вокали – Маја Саздановска и Јулија Огненовска. Звукот перфектен, како и светлосните ефекти. Поп-ѕвздата се снајде и кога на еден од гостите му се слоши во публика, дотрча екипата од Брза помош, и пејачката се качи во амфитеатарот, ама се се заврши во најдобар ред и можеше да продолжи журката, како што ни вети.
Калиопи го почна концертот со новата песна „Ела , ела“ од новиот албум „Албум“, а го заврши со легендарната „Бато“, кога ја отпеа за вториот бис. За првиот ја чуваше евровизиската „Црно и бело“. Поп-дивата ги отпеја сите, ама сите песни кои сакавме да ги слушнеме од 40-годишната кариера, и старите и новите, и дуетот со Жељко Самарџик „Знам“ и со Слаткаристика „Казна“. И немаше потреба од специјални гости. Калипи, како врвен шоумен ни приреди музички изненадувања со хитовите „Главо луда“ на Здравко Чолиќ, „Македонија“ на Дадо Топиќ и „Донт лет ми даун“ на Битлси.
Што да ви кажам магична вечер, за која вредеше да се запали колата од Скопје и да се дојде до Хераклеа, нормално, наполнети со убава енергија по кафето на Широк Сокак во Битола.
Сите три концерти на Калиопи ги организира продукција „Прагма“.