Елена Васова, по наградата „Милан Младеновиќ“ му се посветува на својот деби-албум


Откако ги заврши промотивните обврски околу наградата „Милан Младеновиќ“ во Макарска и во Белград, актуелнава победничка, македонската авторка и пејачка Елена Васова конечно се врати дома.

Според плановите, периодов Елена ќе им се посвети на македонските медиуми, но и на својот деби-албум.

Ја чекаат интервјуата, телевизии, портали…, но и многу музика која треба да биде снимена. Тоа се песните кои доаѓаат по победничкиот сингл „Љубов“, а кои според својот квалитет воопшто не заостануваат зад него.

Според планот, албумот на кој Елена и нејзините соработници максимално ќе му се посветат периодов, треба да биде објавен до почетокот на следното лето, кога ја чекаат настапи на „Арсенал фест“, фестивалот „Модро и зелено“, и секако на доделувањето на наградата „Милан Младеновиќ на 21 септември следната година во Макарска, кога ќе биде избран нејзиниот наследник.

Минатата недела Елена престојуваше во Белград каде се сретна со тамошните медиуми, а меѓу многубројните средби посебно ги истакнува гостувањето во емисијата „24 минути со Зоран Кесиќ“, каде беше музички гостин, но и интервјуто во култната радио-станица 202-ка, па средба со новинарите на ТВ Нова С…

Зборувајќи за наградата „Милан Младеновиќ“, Елена истакна дека е интересен фактот што таа потекнува од Србија, се доделува од Хрватска, а победува Македонија.
И, тоа е ТОА.

Милан Младеновиќ и „Екатарина Велика“ и тоа како се присутни во животот и работата на Елена, со дополнување дека нивното влијание и понатаму е се уште силно во целиот регион.

Елена Васова е седмиот лауреат на наградата „Милан Младеновиќ“ и втор од Македонија, по Дина Јашари, која победи во 2022 година.