Експерти од Харвард: Летото нема да не спаси од коронавирусот


Фото: Б. Грданоски

Научници од Универзитетот Харвард проценуваат дека топлото време нема да го спречи ширењето на Ковид-19. Тие предлагаат повторени периоди на социјална изолација се до пронаоѓање на вакцина

Истражувачи на Универзитетот Харвард велат дека летните месеци нема да помогнат во намалување на опасноста од Ковид-19 и предлагаат повторени периоди на социјално дистанцирање за да не се преоптоварат здравствените системи.
Истражувањето, објавено во журналот Наука денеска, го изработиле научници со експертиза во епидемиологија, имунологија и инфективни болести. Тие ги анализирале блиските генетски „роднини“ на Ковид-19, за да откријат како вирусот ќе се однесува во следните месеци.
Двата анализирани вируси од корона семејството (ХКоВ-ОЦ43 и ХКоВ-ХКУ1) имаат редовна циркулација и ја предизвикуваат вообичаената сезонска настинка. Преку нив научниците развиле модел кој ја истражувал потенцијалната сезоналност, влијанието на стратегиите за социјално дистанцирање, и идната улога на вирусите во предизвикување болести.
Се работело со претпоставка дека вакцина и третман нема да има во догледна иднина.

Во секое сценарио, топлото време не го прекинувало ширењето на вирусот. Тоа е така затоа што при нормална настинка, голем дел од населението вообичаено се разболува и развива имунитет до пролетта. Во случајот со Ковид-19, поголемиот дел од населението ќе остане ранлив, па ќе овозможи ширење и во летните месеци.
„Сезонското намалување постои, но флуктуацијата не е доволна за тој да исчезне во текот на летото без интервенција“, вели Марк Липсич, епидемиолог и еден од авторите на трудот.

Периоди на социјално дистанцирање

Уште една непозната кај коронавирусот е траењето на имунитетот по прележаната инфекција. Краткорочен имунитет како оној при настинките кој трае околу една година ќе доведе до годишни епидемии на Ковид-19. Постојаниот имунитет би го елиминирал вирусот на период од пет или повеќе години.

Во однос на социјалното дистанцирање, експертите предлагаат повеќекратни епизоди за да се намали притисокот врз здравствениот систем. Најефективна, според нив, би била серија од периоди на социјално дистанцирање, придружени со ефективно тестирање кое ќе алармира кога да се вратат мерките во случај на експанзија на заразата. Ваквото сценарио не само што ќе резултира во најмал број жртви, туку ќе му овозможи на населението постепено да гради имунитет на вирусот, велат научниците. Истовремено, ќе им овозможи на здравствените работници да здивнат.

Научниците од Харвард предупредуваат од прерано олеснување на заштитните мерки кои предизвикуваат големи штети врз економиите ширум светот. Тоа не само што ќе предизвика нов бран инфекции, туку ќе ги исплаши и оние кои веќе оздравеле, па и тие ќе останат во своите домови, а ефектите за економијата ќе бидат полоши.

Експертите сметаат дека социјалното дистанцирање треба да се олесни дури откако бројот на нови случаи ќе почне да паѓа две недели по ред, а бројот на дневни тестови од коронавирусот треба да се зголеми за три до четири пати.

Нема да има враќање во нормала додека не се најде вакцина, а за тоа ќе треба да се чека уште 12 до 18 месеци, велат научниците од Харвард. (Дојче Веле)