Економско-социјалниот совет расправаше и за состојбата со зградата на Работничкиот дом


Информација за состојбата со зградата на Работничкиот дом, предложена од Сојузот на синдикатите на Македонија, била меѓу точките на дневен ред денеска на првата седница на Економско-социјалниот совет со којa претседавал техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски. 

 

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на седницата биле разгледани Годишниот извештај за работењето и функционирањето на ЕСС за 2023 година, Годишната програма за работа на ЕСС за 2024 година и Акцискиот план за вработување за 2024 -2027 година.

-По однос на Годишниот извештај за работењето и функционирањето на ЕСС за 2023 година, од страна на присутните беше искажана општа констатација дека во исклучително голем дел предвидената Програма за работа на ЕСС за 2023 година е реализирана, односно општ е впечатокот дека со предвидената динамика се одвивало работењето на ЕСС, стои во соопштението.

МТСП посочува дека во рамки на Годишната програма за работа на ЕСС за 2024 година предвидено е разгледување на повеќе извештаи, акциски планови, информации и измени и дополнувања на постојните законски решенија или донесување на нови за коишто е надлежен да ги разгледува ЕСС. 

-Со Акцискиот план за вработување за 2024 -2027 година се предвидува остварување на следниве цели: подобрување на квалитетот на резултатите во образованието и обуката за сите, зголемување на улогата на политиките за развој на економијата и претпријатијата за создавање достоинствени работни места и  јакнење на инклузивноста на политиките на пазарот на трудот, наведува МТСП.