Еколошката наука во Македонија стана побогата за 13 нови истражувања на млади еколози


Во изминатите две недели, тринаесет млади истражувачи ги претставија заклучоците од своите научно-истражувачки проекти коишто беа поддржани со мал и среден грант во рамките на Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво.

Станува збор за уникатна програма, осмислена со цел да им обезбеди континуирана
поддршка на младите еколози и да ги јакне нивните професионални капацитети, почнувајќи од првичната фаза на планирање, преку теренска и аналитичка работа, па до претставување на крајните резултати. Така, од една страна, создава основа за понатамошно академско и стручно профилирање на младите истражувачи, а од друга страна придонесува кон продлабочување на научните сознанија за повеќе значајни еколошки прашања во земјава.

Екологијата на специфични растителни и животински видови, одржливото ползување на
екосистемските услуги, како и загадувањето на водите, почвите и воздухот во земјава беа во
фокусот на младите еколози Анастасија Хаџисмилева, Јована Данова, Филип Крстески, Иван
Арсов, Мила Стојановска, Николета Георгиевска, Христо Димитриевски, Јован Кароски и
Михаил Жупан. Нивните 9-месечни истражувања беа поддржани со мали грантови со вкупен
износ од над 657.000 денари.

За разлика од малите грантови, коишто се наменети за млади еколози до 26 години кои
се на почетокот од својата научна кариера, средните грантови им се доделуваат на лица до 30
години со претходно искуство во научно-истражувачката работа кои веќе имаат успешно
реализиран проект со мал грант. Така Програмата охрабрува континуитет во професионалниот развој и постепено надоградување на младите истражувачки капацитети.

Истражувањата на Aнгела Иванова, Маринела Цветаноска, Никола Радмановиќ и Јована
Ѓорѓиевска, чии проекти беа финансиски помогнати со вкупен износ од 728.541 денари во
период од 21 месец, доведоа до идентификација на нови ендемични видови од растителната
група Euphorbia glareosa во Македонија, анализа на дистрибуцијата и диверзитетот на биоактивни соединенија кај ендемични растителни видови од прилепско-мариовскиот регион, ги продлабочија знаењата за биодиверзитетот на квасците кај различни видови житарици, за нивната екологија и улога во микробните екосистеми и укажаа на потенцијалот на белиот млечен трн за фиторемедијација, односно за прочистување на почвите од тешки метали и азотни соединенија.

Завршните извештаи од спроведените истражувања наскоро ќе бидат јавно достапни на
официјалната веб-страница на Македонското еколошко друштво.

Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ го носи името на
покојниот д-р Љупчо Меловски, поранешен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје и долгогодишен претседател на Македонското еколошко друштво, кој ја иницираше
уште во 2009 година. Од 2020 година, Програмата се спроведува со финансиска поддршка од
Фондацијата „Сигрид Раузинг“ (The Sigrid Rausing Trust). На новиот конкурс за 2026 година, кој заврши на 15 февруари, пристигнаа рекорден број на апликации кои веќе ги разгледува
независна рецензентска научна комисија.