Екологисти од Охрид, Струга и Поградец незадоволни од поднесените извештаи до УНЕСКО за Охридскиот регион


Фото: Б. Грданоски

Претставници на 17 еколошки невладини организации и граѓански иницијативи од Охрид, Струга и Поградец денеска на прес-конференција истакнаа дека поднесениот Извештај на Министерството за култура до УНЕСКО околу заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот регион, не соодветствува со реалната состојба на терен.

Според Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид, овој Извештај во многу аспекти не е точен и не кореспондира со реалната состојба.

– На пример, неконтролираната урбанизација во Националниот парк „Галичица“ во извештајот е посочен на половина страница, а се работи за голем проблем. Урбанизацијата како многу битен фактор е занемарена и не и е обрнато доволно внимание… Има точни работи спомнати во Извештајот, но и многу пропусти и погрешни работи, се со цел да е одвлече вниманието на јавноста од проблемите, истакна Киселинов.

Тој укажа дека е крајно време да се решаваат проблемите и состојбата да се презентира онаква каква што е, а не проблемите да се ставаат под тепих.

Аријан Мароли од Мрежата на невладините организации од Албанија и Северна Македонија посочи дека албанската и македонската влада до УНЕСКО испратиле извештаи за состојбата, а засегнатите субјекти се уште не добиле никакви информации за содржината на предвидениот План за ревитализација на Охридското Езеро и Охридскиот регион, што е предвидено со него и дали воопшто тој и постои.

– Албанската страна има иницијатива за решавање на два од проблемите – оној со отпадот и почнува процесот за отстранување на јаловината. Кај македонската страна, најголем напредок има во проектот за пренасочување на Сатеска во старото речно корито. Меѓутоа, за другите проблеми, досега не е сторено ништо. Проблем е што ние немаме пристап до Планот за ревитализација, за кој се посочува дека е изготвен, а ниту Националниот парк „Галичица“, Хидробиолошкиот институт, „Проаква“, општините Охрид, Струга и Дебрца…, никој од нив нема информација што содржи тој план, рече Ароли.

Сашо Кироски, дипломиран археолог од Асоцијацијата за заштита на природното и националното богатство, истакна дека е невозможно на 60 страници да се презентираат сите проблеми со кои се соочуваат Охрид, Струга  и регионот, заедно со албанската страна.

– Навистина е срамно да доаѓаме во ситуација експерти од УНЕСКО да ни посочуваат што треба да правиме на најстарото езеро во Европа… Културното наследство е во сериозни проблеми, од двете страни на Езерото. Последните 15 години од Завод и музеј од Охрид не е спроведен ниту еден проект, ниту едно научно археолошко истражување, а сето што е спомнато во Проект-планот на УНЕСКО треба да се спроведе до 2029 година, истакна Кироски.

Блерим Положани од невладината организација „Капс“ од Струга која е активна во заштитата на Охридското Езеро, посочи на отсуството на комуникација на властите со невладиниот сектор, што, исто така, е препорака и од УНЕСКО.

– Ние како невладина изработивме стратегија за комуникација, но засега интересот на Владата и надлежните институции не е на потребното ниво. Институциите мора да почнат да ги решаваат проблемите. Ние сме тука за да помогнеме, рече тој, посочувајќи дека поради хаотичната состојба со неконтролираната урбанизација и пред се човечкиот фактор, страда Охридското Езеро, а сето тоа неповолно се одразува и врз туризмот.

Интенција на невладините организации е да испратат заедничко писмо до владите на двете држави за се што треба да се направи доколку навистина се има намера да биде заштитено Охридското Езеро