Еко-настан „Заедно за почиста општина“ во паркот „Авионче“ во општина Аеродром
Еко-настан „Заедно за почиста општина“ ќе се одржи денеска напладне во паркот „Авионче“ во општина Аеродром. Активноста е дел од проектот CleanAirDrom и фокусот ќе биде кон собирање на отпадно стакло (шишиња, тегли итн.) за кое ќе биде поставена соодветна опрема. Најавени се и настапи на дуото ДНК, детскиот хор „Поточиња“ и танц групата „Аква денс“.
Проектот CleanAirDrom го реализира општина Аеродром, а непрофитната компанија која управува со отпад од пакување „Еуро-Екопак“ се вклучува како поддржувач и во рамки на активностите, поставени се машини за собирање пластични шишиња во девет училишта и две градинки.
-Секое шише има своја вредност и како директна субвенција се доделува на училиштето односно градинката во даден временски период, а на основа на предодредена програма која општината ќе ја донесе за таа цел. Имајќи во предвид дека во општина Аеродром има 77 000 жители, над 2 500 деца во градинките и над 7 000 ученици во основните училишта, проценките се дека на годишно ниво можат да се овозможат и до 1.3 милиони денари за 11 училишта и градинки преку овој пилот проект. Колку повеќе се селектира, толку повеќе се донира за овие институции, пораќуваат од „Еуро-Екопак”.
Оттаму истакнуваат дека стратешката определба на компанијата е градење и развивање на системот на примарна селекција на отпад, но и фокус на подигање на јавната свест кои заедно претставуваат основа на циркуларната економија.
– Лојалноста кон компаниите членки на системот и определбата на перманентна комуникација и соработка преку запознавање со законските обврски кои компаниите се должни да ги реализираат е примарна компонента во планските активности на „Еуро-Екопак“ и во наредниот период. Во таа насока ќе се стимулира развојот на процесите на примарна селекција на отпадот од пакување со вклучување и соработка со единиците на локалната самоуправа, јавните комунални претпријатија, вклучување на правните субјекти носители на лиценците за управување со отпадот, како и непосредната соработка со граѓаните како важни чинители во процесот на селекцијата, вели во пишана изјава Лука Луковски, директор на „Еуро-Екопак“ кој веќе соработува со повеќе од 500 компании.