ЕК предлага нова рамка за намалување на трошоците за даночно усогласување на компаниите


Европската комисија денеска усвои нова рамка за оданочување на големите корпорации на ниво на ЕУ, наречена „Бизнис во Европа: Рамка за оданочување на приход“ (БЕФИТ) со која, како што најави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен уште минатата година, треба да се воспостави единствен систем на „даночни правила за водење бизнис во Европа“.

Како што соопшти Европската комисија, рамката претставува клучен пакет на иницијативи за намалување на трошоците за даночно усогласување за големите бизниси во Европската Унија, преку единствен сет на правила за одредување на даночната основа на компаниите.

– Тоа ќе ги намали трошоците за усогласеност за големите бизниси кои работат во повеќе од една земја членка и ќе им олесни на националните даночни власти да утврдат кои даноци треба да ги платат компаниите. Новите, поедноставни правила би можеле да ги намалат трошоците за даночно усогласување за бизнисите кои работат во ЕУ до 65 проценти, наведува ЕК.

Како што информираше еврокомесарот за економија Паоло Џентилони при презентацијата на правилата, БЕФИТ претставува нов единствен сет на правила за одредување на даночната основа на големите групации.

Тој нагласи дека со новите правила фирмите кои се членки на истата групација ќе ја пресметаат својата даночна основа во согласност со заеднички сет на правила и со тоа сите даночните основи на членките на групацијата ќе се соберат во една единствена даночна основа.

Новите правила ќе бидат задолжителни за корпорациите кои работат во ЕУ со годишен вкупен приход од најмалку 750 милиони евра и во кои компанијата-мајка поседува најмалку 75 отсто од сопственичките права или од правата на добивка. На помалите групации им се дава можност да бираат дали ќе се усогласат со правилата, што може да биде од особен интерес за малите и средни претпријатија.

– Новите правила ќе бидат задолжителни за околу 4.000 мултинационални претпријатија кои имаат годишен приход од најмалку 750 милиони евра кои работат во ЕУ, додаде Џентилони.

Паоло Џентилони

Според него, справувањето со 27 различни национални даночни системи, секој со свои специфични правила, претставува трошок за компаниите скапи при даночното усогласување и ова ги обесхрабрува прекуграничните инвестиции во ЕУ, ставајќи ги европските бизниси во конкурентна неповолна положба во споредба со компаниите од други места во светот.

Денешниот пакет вклучува и предлог кој има за цел усогласување на правилата за трошоците на трансакциите помеѓу компаниите кои се дел од истата групација. Според сегашните меѓународни стандарди, овие трансакциите се третираа исто како и трансакции меѓу неповрзани компании, а со предложените правила посебно ќе се регулираат комерцијалните или финансиските односи меѓу фирмите од иста групација.

Предлогот ќе ја зголеми даночната сигурност и ќе го ублажи ризикот од судски спорови и двојно оданочување и дополнително ќе ги намали можностите компаниите да ги користат трансферните цени за агресивно даночно планирање.

– Цел на предлозите е да се олесни и да биде поисплатливо работењето на бизнисите во ЕУ, што ќе ги поддржи инвестициите и ќе отвори работни места и ќе им олесни на даночните власти поефективно да обезбедат дека компаниите го плаќаат она што треба – што е добра вест за даночната правичност, јавните финансии и социјалната правда, додаде Џентилони.

Доколку предлозите бидат усвоени од Советот на ЕУ, БЕФИТ треба да стапи во сила на 1 јули 2028 година, правилата за трансферот на цени од 1 јануари 2026 година.

Но, како што објави „Еурактив“ во усвоената рамка го нема првично предвидениот предлог за прераспределба на профитот на мултинационалните компании меѓу земјите на Европската Унија, врз основа на тоа во која од членките колку од заработката се остварува. Ваквата идеја не беше прифатена од дел од членките на ЕУ, посебно оние со низок корпоративен данок, како Ирска или Литванија, каде досега компаниите го пријавуваа својот профит, наместо во земјите каде што се најголемиот дел од нивните производни средства и работна сила.

„Даночна постапка и правни лекови за заштита на правата на даночните обврзници со посебен акцент на правните лица“ и „Финансиски и даночни импликации на КОВИД-19 кризата и препораки за нејзин

Тоа во пракса ќе значи дека компаниите ќе продолжат да плаќаат даноци во различни земји врз основа на националните даночни стапки, но оданочувањето би се вршело според правилата на рамката на ЕУ. Оваа обврска не се однесува на компаниите за нафта и гас и за бродската и авионската индустрија. Ваквите правила би се применувале во седумгодишна преодна фаза, која според очекувањата на Еврокомисијата треба да го трасира патот кон трајна методологија за распределба на профитот.

За усвојување на ваквата рамка, како и за сите регулативи поврзани со даноците, потребен е консензус на сите земји членки на ЕУ, што досега беше причина за пропаѓање на неколкуте обиди за усвојување заеднички даночни правила на ниво на Унијата.

Нов момент во сегашниот случај е што, сите 27 земји на ЕУ потпишаа Глобален даночен договор, кој предвидува минимална корпоративна даночна стапка од 15 отсто и делумна прераспределба на профитот на најголемите компании според местото на кое тој се остварува, што на Еврокомисијата и дава надеж дека овој пат има можност да биде постигнат консензус.

Од друга страна, бизнис заедницата смета дека Комисијата не го избрала најсреќно тајмингот за предлагање на новите правила, во време кога корпорациите се подготвуваат за глобалната корпоративна даночна стапка што треба да почне да се применува од следната година.

Раководителката на Конфедерацијата на европскиот бизнис, Мариела Каруана, смета дека новата даночна рамка само може да ги усложни работите. – Која е потребата да се брза со предлагање нова даночна рамка? Тоа може да доведе до поголема сложеност и не ветува постабилна и поатрактивна бизнис средина, оцени Каруана.