ЕК планира 160 милиони евра помош за Македонија
Европската Комисија (ЕК) предлага да се обезбедат три милијарди евра макрофинансиска поддршка за десет земји од нејзиното непосредно соседство, вклучително и Северна Македонија.
Европската Комисија смета дека оваа поддршка е потребна за да се ограничат негативните економски и социјални последици од здравствената криза со коронавирусот.
За Северна Македонија, ЕК предлага да се издвојат 160 милиони евра, за Албанија – 180 милиони, за Босна и Херцеговина 250 милиони евра, Косово – сто милиони евра, Црна Гора – 60 милиони евра.
Надвор од земјите од Западниот Балкан, европската извршна власт смета дека ќе им бидат потребни 150 милиони евра на Грузија, 200 милиони на Јордан, сто милиони евра за Молдавија, 600 милиони евра за Тунис и 1,2 милијарди евра за Украина.
Ова е дел од новата стратегија позната како „Тим Европа“ на Европската Унија, чија цел е да им се помогне на земјите партнери.