ЕК и дел од земјите од ЕУ со различни ставови за префрлањето странски работници од една во друга членка

Во ЕУ постои Директива за испраќање работници, која во основа ги утврдува условите за вработување и основните обврски на работодавачите кога станува збор за работно ангажирање на странци, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини Ева Хрнчирова.
Изјавата на Хрнчирова претставуваше одговор на новинарско прашање во врска со писмо упатено до Европската комисија од страна на неколку земји членки, со кое се предлага „затворање на дупката“ во законодавството на Унијата која овозможува префрлање на работници по потекло од трети земји што не се членки на ЕУ, за работа од една во друга држава од блокот.
– Врз основа на Директивата за испраќање работници, работниците од трети земји за кои зборувате можат да бидат испратени каде било во рамките на ЕУ и покрај фактот што не можат да го остварат правото за слободно движење на работна сила, но земјите членки имаат слобода да воспостават свои контролни мерки, рече Хрнчирова.
Во писмото на земјите членки се посочува дека можноста за префрлање на работниците многу често се злоупотребува и се применува се повеќе, што влијае на висината на платите и може да води кон експлоатација и злоупотреба на овие работници, кои често се ускратени за социјална заштита.
– Оваа Директива им гарантира на работниците дека ќе бидат третирани во согласност со правилата на земјата членка во која престојуваат, што значи дека се исполнети условите за да им се исплаќаат надомест и сите задолжителни елементи на платата, да имаат здравствена заштита и безбедни услови за работа, како и услови за сместување, додаде Хрнчирова.
Ваквата изјава на Хрнчирова е во спротивност со наводите во писмото потпишано од неколку земји, меѓу кои и Белгија, Германија, Италија, Луксембург и Холандија, во кое се тврди дека во моментов во ЕУ не постои конкретно законодавство за испраќање на работници-државјани на трети земји на работа од една во друга членка.
Во писмото, исто така, се нагласува и дека има и пресуди на Европскиот суд на правдата во кои се наведува дека префрлањето странски работници од една во друга земја членка не е хармонизирано на ниво на Европската Унија и дека тоа претставува растечки проблем.
На дополнително прашање за коментар за ваквите оценки, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо кусо изјави дека треба детално да го разгледаат писмото за да можат да дадат конкретен и целосен одговор на наводите.