ЕХФ ЕУРО 2026: Данска ја отпиша Шпанија од трката за полуфинале, Франција ја прегази Португалија


Кодомаќинот на Европското ракометно првенство Данска ја забележа втората победа во главната фаза во рамки на групата 1, откако вечерва пред 15.000 гледачи во Хернинг ја совлада Шпанија со 36-31 (16-14).

Данска со триумфот ѝ се приклучи на Франција на врвот на табелата со четири бодови, колку што има и Германија со натпревар помалку, додека Шпанија остана последна без бод и без шанси за пласман во полуфиналето.

Данска имаше резултатска контрола во првиот дел и на два пати водеше со највисоки плус четири голови разлика, но Шпанците до паузата успеаја да ја преполоват негативата.

Шпанија на почетокот на второто полувреме дојде и до израмнување на резултатот (17-17), но Данците инспирирани од фантастичниот голман Емил Нилсен возвратија со серија од 7-1 и стекнаа недостижна предност.

Нилсен запиша 14 одбрани на голот на Данска во чиј редови Емил Јакобсен беше најефикасен со осум голови.

Второто коло од главната фаза во групата 1 ќе биде комплетирано вечерва со пресметката меѓу Германија и Норвешка.

 

Франција ја прегази Португалија, постигна 28 голови во едно полувреме, вкупно 46

 

Бранителот на титулата Франција во доминантен стил ја забележа првата победа во главната фаза на Европското ракометно првенство, откако попладнево ја совлада Португалија со 46-38 (28-15) во рамки на второто коло во групата 1.

Франција веќе на стартот на дуелот во Хернинг имаше предност од 5-1, а при резултат 14-8 со нова серија од 6-1 уште во раната фаза од натпреварот дојде до недостижни +11 (20-9), постигнувајќи неверијатни 28 голови во првиот дел.

Разликата во класа придонесе за ревијален карактер на второто полувреме, а Франција за само еден гол не го собори рекордот според постигнати погодоци на официјален натпревар.

Дика Мем со осум голови беше најефикасен во француските редови и воедно на натпреварот

Франција сега е лидер на табелата со 4 бодови, но и натпревар повеќе од второпласираната Германија која вечерва ќе игра против Норвешка. Во увертира на овој натпревар, кодомаќинот Данска ќе игра против Шпанија.