Едно женско меѓу 100 мажи пријавено за светиот крст за Водици во Прилеп
Околу 100 верници од Прилеп ќе учествуваат на традиционалното, централно, фрлање на светиот крст во осветените води на Аква базенот во прилепскиот хотел „Салида“ што ќе се одржи в понеделник напладне, на Богојавление – Водици. Од сите учесници кои се пријавија во изминатите три дена, едно е женско.
Инаку, над 500 верници на 20 локации во општина Прилеп ќе се фрлат по Светиот крст за Водици. Покрај централниот настан, Светиот крст ќе биде положен и во водите на реките и базените во уште 19 населени места на територијата на Општина Прилеп: Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.
Утрото, на Водици, во прилепската црква „Св. Благовештение“, по традиционалното пуштање на гулабите во 6:30 часот и по свечената божествена литургија, симболично ќе се одржи и фрлањето на Светиот крст во фонтаната (базенчето) во дворот на Црквата, околу 9:30 часот. Овој чин е наменет за дечиња, не постари од 13 години, кои ќе го вадат Светиот крст од осветените води.
Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, претседателката на Советот и делегации составени од членовите на Советот ќе бидат присутни на сите 20 места.
– Локалната самоуправа има обезбедено пригодни подароци за сите учесници, а исто така и компаниите „Зегин“ и „Евротип“ ќе обезбедат пригодни подароци за оние што први ќе го извадат Светиот крст од осветените води во Прилеп, информираат од прилепската локална самоуправа.