Една фантастична  книга

Во космосот на Валентин Нешовски ајкулите се многу пострашни од океанот на Хемингвеј, бидејќи се хранат незаситно од примитивизмот, незнаењето, глупавоста и простаклукот на дивите хорди


 

„Една книга“ од Валентин Нешовски во издание на „Или – Или“ беше единствената работа што ми ги разубави новогодишните и божикни празници кои секогаш ми предизвикуваат некаква тескоба, доброволен  „домашен самопритвор“ како признание на вината да не ја гледам парадата на бедните на која учествував долги години. Да не го гледам пак тој циркус и вино за сиромаштијата на која толку малку ѝ треба светлина за да се залепи како пеперутка на светилките кои лажно го осветлуваат мракот само една вечер во годината.

Ова беше за кусо време второто читање на оваа необична книга која различно се чита при секој обид. Некои можеби со право ја сместуваат во новели, други во еден голем расказ, за мене тоа е еден современ фантастичен роман сместен само на 140 страници. Необична книга која мора и необично да се чита. Авторот извонредно успешно го става читателот како главен лик во потрага по она што му се случува на светот, но особено на нас. Одличниот вовед во романот со научна фантастика незабележливо се претвора во нашата реалност, притоа Нешовски мајсторски ја задржува универзалоноста која се однесува на планетата Земја.

Ако „Старецот и морето“ на Хемингвеј е социјална драма на океанот на 20 век, кога ајкулите му го јадат  уловот на сиромашниот рибар, „Една книга“ на Нешовски е драма на 21. век која ги открива „сите тие вагини од луѓе што ги диктираат правците на денешниот живот со лажни вести, кои во главите на обичните луѓе не се родени туку така, не се ни производ на природната селекција. Туку обичните луѓе кои си ја бркаат својата работа мислат дека создавачите на лагите се некои месии, безрезервно им веруваат бидејќи прочитале нешто некаде….“

Во космосот на Нешовски ајкулите се многу пострашни од океанот на Хемингвеј, бидејќи се хранат незаситно од примитивизмот, незнаењето, глупавоста и простаклукот на дивите хорди.

Нешовски со својот првенец влегува на голема врата во современата македонска литература. Не смее да остане на Една книга. Топло ви ја препорачувам да се уверите зошто оваа книга е одлична лектира за млади и возрасни.