ЕЦБ ги подигна каматните стапки на највисоко ниво во последните 22 години
Банката соопшти дека инфлацијата ќе се движи над целното ниво од 2 отсто до крајот на 2025 година, а тоа меѓу редови значи дека каматните стапки ќе продолжат да растат
Европската централна банка денеска ја подигна основната каматна стапка на највисоко ниво во последните 22 години, како уште еден напор за ограничување на инфлацијата во време кога еврозоната е во техничка рецесија.
Денеска ЕЦБ ја зголеми референтната каматна стапка за уште 0,25 отсто, на 3,5 отсто, што е највисоко ниво од 2001 година. Банката исто така соопшти дека инфлацијата ќе се движи над целното ниво од 2 отсто до крајот на 2025 година, а тоа меѓу редови значи дека каматните стапки ќе продолжат да растат.
Растот во еврозоната благо кажано стагнира, а инфлацијата забавува со месеци, благодарение на пониските цени на енергијата и најинтензивното зголемување на каматните стапки во 25-годишната историја на ЕЦБ.
Во средата навечер, по европско време, Федералните резерви на САД ја прекинаа сопствената серија од 10 последователни зголемувања на каматните стапки, што е силен сигнал до инвеститорите ширум светот дека оваа рунда на макроекономско затегнување на американскиот континент наскоро ќе заврши.
Но, инфлацијата во еврозоната е сè уште неприфатливо висока за ЕЦБ и изнесува 6,1 отсто, а базичната инфлација забавува.