ЕБОР прогнозира раст од 3 отсто за македонската економија оваа и идната година

Европската банка за обнова и развој во својот есенски извештај ја ревидира нагоре проекцијата за македонската економија, прогнозирајќи раст од 3% за 2025 и за 2026 година, што е зголемување од 0,4 односно 0,3 отсто во споредба со прогнозата од мај.
Во вчера објавениот економски извештај на ЕБОР се наведува дека земјава забележа подобри резултати од очекуваните во првиот квартал од 2025 година, со силни перформанси во градежништвото и зголемени инвестиции.
„Растот на реалниот БДП достигна 3% на годишно ниво во првиот квартал од 2025 година и дополнително на 3,4% во вториот квартал, првенствено поттикнат од градежништвото, производството и трговијата. Во овој период, потрошувачката на домаќинствата беше поддржана од зголемувањето на приходите и ублажувањето на инфлацијата, додека изградбата на патишта ги зајакна инвестициите. Извозот се опорави во првата половина од 2025 година по намалените извозни перформанси во претходната година. Сепак, дефицитот на тековната сметка се зголеми за 66% во истиот период, што одразува пониски суфицити и во трговијата со услуги и во секундарниот доход. По отстранувањето на ограничувањата на маржата на профит за одредени основни производи, инфлацијата се искачи на 4,8% до јули 2025 година пред да се намали на 4,4% во август“,- се наведува во извештајот.
ЕБОР оценува дека фискалната политика останува експанзивна, со ревидирана цел за дефицит за 2025 година поставена на 4 проценти од БДП, со цел да се балансира фискалната консолидација со тековните инвестиции во инфраструктурата.
Во однос на економските перспективи на регионот на Западен Балкан, се посочува дека растот забавил, од 3,6% во 2024 година на 2,4% во првата половина од 2025 година. Се очекува годинава да достигне 2,7%, а наредната да биде 3,2%.