ЕБОР ја одобри Стратегијата за Северна Македонија за наредните пет години
Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри новата Стратегија за Северна Македонија за нивниот ангажман во земјава во периодот од 2019 до 2024 година, информираат од Банката.
Според стратегијата, стратешките приоритети на ЕБОР за следните пет години во земјава се поддршка на конкурентноста преку подобрување на синџирите на вредности, надградба на вештините на работната сила и зајакнување на управувањето, јакнење на регионалната интеграција, „меко” поврзување и поддршка на приближувањето кон ЕУ и поддршка на транзицијата кон зелената економија преку поодржливи енергетски комбинации и поголема ефикасност на ресурсите.
-Изгледите за забрзување на интеграцијата во евроатлантските институции, особено приближувањето кон ЕУ, продолжуваат да бидат клучен столб за структурни реформи и фактор на стабилизација, се наведува во документот и се истакнува дека подобрените врски со Грција и другите соседи „придонесуваат за зголемена доверба на инвеститорите“.
Стратегијата на ЕБОР го нарекува овој момент „историска крстосница“ и констатира дека „многу нешта ќе зависат од актуелниот опсег и темпо на реформски напори за насочување на земјата кон патот на одржлив и инклузивен раст“.
-Регионалната интеграција ќе биде насока по која ќе се раководат инвестициите на Банката и активностите поврзани со политиките, а посебен акцент ќе биде ставен на испитувањето на синергиите со активностите на Банката во соседните економии, се наведува во стратегијата.
Од банката потсетуваат дека реалниот раст на БДП во 2018 година во земјава изнесувал 2,7 проценти, а во 2019 година се предвидува да се зголеми на три проценти, како резултат на силниот раст на извозот и закрепнувањето на потрошувачката, како во приватниот, така и во јавниот сектор.