Eвропарламентот повика на формирање финансиска полиција и финансиско разузнавање во ЕУ

Европскиот парламент денеска со 505 гласови „за“, 63 „против“ и 87 „воздржани“ усвои препораки за промени на системот за борба против финансискиот криминал и измами и даночното затајување, јави дописникот на МИА.

Препораките подготвени во текот на цела една година од страна на специјалната комисија за финансиски криминал, даночно затајување и даночна измама, предвидуваат и значително подобрување на соработката меѓу помеѓуорганите задолжени за справување со финансиските измами и создавањето нови тела во оваа сефра на европско и светско ниво.

Со препораките меѓу другото се бара Еврокомисијата веднаш започне да работи на предлогот за формирање Европска финансиска полиција и Европски оддел за финансиско разузнавање; за воспоставување центар за спречување на перењето пари; за создавање глобална даночна агенција во рамките на Обединетите нации и за отстранување на недостигот на политичка волја на земјите членки во борба против затајувањето даноци и финансиски измами и криминал.

Европарламентот потенцира дека седум земји членки на ЕУ (Белгија, Кипар, Унгарија, Ирска, Луксембург, Малта и Холандија) имаат некои карактеристики на даночни оиззи со тоа што го олеснуваат агресивното даночно планирање.

„Златните визи и пасоши“ се проблематични и треба постепено да исчезнат, се наведува во препораките, при што како земји во кои има таква пракса се посочени Малта и Кипар.

Усвојувањето на препораките во Европарламентот следува по обелоденувањето на неколкуте финансиски афери во изминатите пет години, како ЛуксЛикс и Панама Пејперс, поради кои европратениците на 1 март 2018 година донесоа одлука за формирање Специјална комисија за финансиски криминал и даночно затајување .

Извештајот усвоен денеска го заклучува едногодишниот мандат на Комисијата по 18 тематски сослушувања, 10 размени на мислења со министрите за финансии и европските комесари и по мисиите за утврдување на фактите во САД, на британскиот стров Ман и во Данска, Естонија и Летонија.