ДЗСИ: Ставени под надзор 11 луѓе по случајот со заболената болничарка од инфективна
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) стави под надзор уште 11 луѓе од здравствен ризик за да се спречи ширење на конго-кримска хеморагична треска, откако Министерството за здравство соопшти дека оваа заразна болест е утврдена кај вработена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје.
„Издадени се решенија за надзор за 10 члена на семејството на вработената на Клиниката за инфективни болести, како и за една нејзина колешка. Тие ќе бидат под здравсствен надзор во следните 14 дена. За првиот случај на заболен беа издадени 29 решенија за надзор, меѓу кои беше и вработената на Клиниката за инфективни болести. Сега со новите решенија, вкупно 40 луѓе се подз здравствен надзор“, вели Рената Младеновска директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Претходно, Министерството за здравство потврди дека една од вработените на Клиниката за инфективни болести која била во контаткт со младата жена од штипско која минатиот викенд почина од конго-кримска хеморагична треска по каснување од заразен крлеж, е позитивна на вирусот.
Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица.
Смртноста од ККХТ достигнува и до 40 проценти.
Прва епидемија на ова заболување во Македонија е пред 52 години, кога заболеле 13 лица, од кои две починале. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата земја, ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.