Џез-програмата на „Охридско лето“ наиде на голем интерес кај публиката


Четирите џез-вечери на фестивалот „Охридско лето“ поминаа со настапи на реномирани домашни и странски музичари и полни гледалишта, со што фестивалот годинава за првпат понуди посебна џез-програма.

Џез-програмата синоќа на Долни Сарај ја затвори британскиот состав „Kiiōtō“, предводен од наградуваниот пијанист и композитор Рохан Хит и вокалистката Лу Роудс. Нивниот настап беше посветен на авторска музика во која се преплетуваат различни музички искуства и теми поврзани со човековиот живот.

Претходната вечер настапија Питер Сомуа и неговиот состав, со музика во која џезот се сретна со африканските ритми и современите музички влијанија. По нивниот концерт, на сцената на Долни Сарај настапи Нубаја Гарсија со составот во кој беа Лајл Бартон, Макс Лутерт и Сем Џонс, претставувајќи музички израз кој ги поврзува џезот, класичната музика, дабот, R&B и афро-карипските влијанија.

На 14 август настапи Националниот џез оркестар со концертната програма „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов. Програмата претстави спој на македонскиот фолклор и современиот џез, со специјалното учество на трубачот Питер Сомуа од Гана.

Во рамки на истата вечер настапија Dine Doneff и „Storytales“, заедно со Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис, со музика инспирирана од македонското народно-поетско наследство и спој на балканската традиција, слободната импровизација, џезот и современата музика.

Џез-програмата беше отворена со настапот на македонскиот гитарист и композитор Крсте Роџевски, кој живее и работи во САД. Во црквата „Света Софија“ тој со ансамблот го претстави концертот „Orthodoxia Kai Thanatos“, во кој византиското пеење се сретна со експерименталниот и слободен џез.

Според директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, воведувањето на џез-програмата претставува проширување на фестивалската понуда и одговор на интересот на публиката за различни музички жанрови, без нарушување на основниот концепт и идентитет на „Охридско лето“.