Џез концерт на гитаристите Димитрис Политис и Сашо Поповски


 Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Скопје на 11 ноември организираше џез концерт на виртуозите на гитара, Димитрис Политис и Сашо Поповски, што се одржа во просторот на „Аудиокултура“ во Скопје.

На концертот присуствуваа поранешниот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир, амбасадорот на Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија, поранешната амбасадорка на Северна Македонија во Виена, Василка Попоска Треневска, претставници од други дипломатски мисии во Скопје, политичари, бизнисмени, раководители на невладини организации, новинари итн, соопштија од Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција.

Меѓу присутните на концертот беше и меѓународно реномираниот прогресив-рок и џез гитарист, Влатко Стефановски.

Настанот го поздрави шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Скопје, Константинос Прокакис, кој рече дека концертот на Димитрис Политис и Сашо Поповски претставува отелотворение на меѓукултурната соработка, меѓусебното разбирање, инспиративната креативност и пријателството помеѓу двете земји и народи.

– Национализмот, конфликтите, исклучувањето, ароганцијата и недостатокот на емпатија немаат свое место во градењето на хармоничен и мирен соживот помеѓу соседите. Уметноста, музиката, образованието, културата, социјалната солидарност, бизнис и економската соработка, меѓусебната помош во тешките времиња и почитта се единствениот пат што води до добрососедски односи за добробит на сите, сега и во иднина. Настанот се стреми кон тоа да ја прикаже, нагласи и промовира позитивната агенда помеѓу Северна Македонија и Грција преку еден музички спој на двајца уметници кои се подготвени за соработка, сега и овде, отфрлувајќи ги предрасудите и чувството дека се движиме во слепа улица, истакна Прокакис.

За време на перформансот, двајцата музичари ги воодушевија присутните со нивните лични интерпретации на џез музиката, испреплетени во еден заеднички музички проект што се заврши со исклучителен успех, информираа од Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција.