„Џенерал моторс“ го менува логото и се позиционира како компанија што промовира е-возила


Американскиот производител на автомобили „Џенерал моторс“ ќе го смени логото и ќе започне маркетинг кампања за електрични возила (е-возила) за да се претстави во ново светло: како компанија што произведува возила што не ја загадуваат животната средина.

Старото лого со бели букви „ГМ“ на сина позадина ќе го заменат сини букви „ГМ“ на бела позадина заоблени во сина боја. Ова е најголемата промена на знакот од 1964 година.

Компанијата исто така најави дека до 2025 година, триесет нови возила на батерии ќе ја видат светлината на денот. Новата кампања, како што соопштија, треба да ја претстави нивната прогресивна визија за иднината, пишува СЕЕбиз.

Кон крајот на минатата година, ГМ објави дека се приближува до откривање на нова батерија што ќе ја направи цената на електричните возила подеднакво прифатлива како и цената на возилата со мотори со внатрешно согорување за помалку од пет години. Некои ќе можат да поминат повеќе од 700 километри со едно полнење на батеријата и да забрзуваат од нула до 100 километри на час за само три секунди.

Компанијата вети дека ќе инвестира 27 милијарди долари во возила на батерии до 2025 година.

Инвеститорите на берзата се повеќе се интересираат за компании кои произведуваат електрични возила.

Акциите на „Тесла“ минатата година се зголемија за 800 проценти, а пазарната вредност на таа компанија надмина 800 милијарди долари.

Во исто време, пазарната вредност на „Џенерал моторс“ се зголеми само малку и изнесува 61 милијарда долари.