Џејмс Камерон ќе снима филм според вистински настан, сосема различен од „Титаник“ и „Аватар“

Славниот режисер Џејмс Камерон, познат по спектакли како „Титаник“ и франшизата „Аватар“, планира да режира филм кој би можел да стане најзахтевен во неговата кариера. Иако веќе интензивно работи на четвртиот и петтиот дел од „Аватар“, 70-годишниот добитник на Оскар објави дека ќе се впушти во проект базиран на една од најневеројатните вистински приказни од Втората светска војна, објавува Express.co.uk.
Филмот ќе биде базиран на книгата „Последниот воз од Хирошима: Преживеаните се враќаат назад“ и ќе го следи животот на Цутому Јамагучи, човек кој ги преживеал двете американски атомски бомби, онаа фрлена врз Хирошима, а потоа и онаа врз Нагасаки.
На 6 август 1945 година, Јамагучи бил во Хирошима кога била фрлена првата бомба, преживеал, а потоа се вратил дома во Нагасаки, каде што ја преживеал втората експлозија три дена подоцна. Џејмс Камерон го запознал Јамагучи во 2010 година, кратко пред неговата смрт, и ги обезбедил правата за адаптација на неговата животна приказна.
Филм кој го инспирира и го ужаснува во исто време
Во интервју за Discussing Film, Камерон призна дека проектот го возбудува, но и го ужаснува. „Ова може да биде најпредизвикувачкиот филм во мојата кариера. Можеби не сум достоен за тоа, но тоа никогаш не ме спречило“, рече тој.
Тој ги наведе класиците на Спилберг „Шиндлеровата листа“ и „Спасувањето на војникот Рајан“ како модели и инспирација за тонот и атмосферата на филмот. Токму Стивен Спилберг го советуваше да го направи филмот што е можно поинтензивен и пореалистичен, со цел да ѝ ја пренесе на публиката целата тежина на трагедијата во која загинаа помеѓу 150.000 и 246.000 луѓе.
Целта е целосна автентичност
Камерон откри дека сакал да направи филм кој буквално „ќе ги доближи гледачите до еден историски момент“. „Сакам да ви покажам какво беше. Да го доживеете како да сте таму, како да сте сведоци на она што навистина се случило. Доколку е потребно, ќе го снимам во 3Д. Ќе направам сè што можам за да биде што е можно пореално. Искрено, овој филм малку ме плаши“, рече режисерот.
Иако сè уште не е познато кога ќе започне продукцијата, јасно е дека овој филм ќе биде сосема различен од претходните проекти на Камерон, а можеби и неговото најважно авторско дело.