Џејлан Велиу даде интервју за магазинот „Јакобин“, па доби тужба од Димитар Апасиев

„Јакобин“ е магазин на американската левица. Во интервјуто Велиу опишува како Апасиев ја презел контролата врз Левица. Сѐ се случувало пред претседателските избори во 2019 година, кога Апасиев предложил да се поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ


Текстот во „Јакобин“ што го погодил Димитар Апасиев

 

Интервјуто на Џејлан Велиу за магазинот на американската левица „Јакобин“ со седиште во Њујорк, за последица имаше тужба од Димитар Апасиев. И Велиу и Апасиев се дел од оригиналното раководство на Левица.

Џејлан Велиу на социјалните медиуми објави дека добила тужба од сегашниот лидер на Левица и вели дека тоа се случило бидејќи ја кажала вистината како Апасиев ја презел партијата.

„Методот на заплашување преку тужби веќе е испробан. Јас и моите другари пребродивме десетина тужби и судски процеси, некои процеси сѐ уште траат, а некои сега почнуваат. Ќе издржиме уште толку, но нема да престанеме да ја кажуваме вистината и да се бориме за правда, бидејќи на овој пат тргнавме за да победиме, а не да се повлечeме“, напиша пишува Велиу.

Текстот во „Јакобин“ е објавен во ноември 2022 а насловот на сторијата каде што е поместен овој разговор е „Како ветувачката нова левица на Северна Македонија стана шовинистичка партија на омраза“. Магазинот „Јакобин“ излегува квартално, има 75.000 претплатници и веб-публика од 3 милиони читатели месечно низ целиот свет. „Њујорк тајмс“ го опиша како важен глас во левичарскиот пејсаж во светот.

Што кажа Џејлан Велиу во овој разговор што толку го погодило Димитар Апасиев:

„Пучот, или судското преземање на Левица, се случи во февруари 2019 година и беше кулминација на повеќемесечните расправии во партијата. Самиот пуч започна на 3 февруари, кога се одржа последната законска седница на централниот комитет, на која се расправаше за претстојните претседателски избори. Апасиев излезе со предлог Левица да го поддржи претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, доминантната десничарска партија. Важно е да се напомене дека Апасиев неколку месеци беше јасно наклонет и отворено поддржуваше различни десничарски иницијативи без никакви консултации во партијата, што ја зголеми [нашата] недоверба кон него, како и тензиите во самата партија. Исто како и претходните глупави предлози, така и овој не помина во централниот комитет, пред сѐ затоа што Левица не беше формирана за да трча по коалиции со буржоаските партии, туку да понуди здрава марксистичка програма околу која работниците би можеле да се обединат.

Џејлан Велиу

Тоа беше моментот од кога започна пучот: кога, против волјата на мнозинството членови на Централниот комитет и на президиумот, и со злоупотреба на партискиот печат, Апасиев подготви десетици фалсификувани документи (решенија и записници) од состаноците. кои никогаш не се одржаа, со потписници кои не беа избрани за членови на тие партиски тела. Практично екскомунициран одозгора, без никаква статутарна или законска основа, го фалсификуваше составот на партиската структура и го достави до судот. Така, четворица членови, меѓу кои и јас, со фалсификувани оставки беа исклучени од седумчлениот президиум.

Потоа, во доцните вечерни часови на 15 февруари, ја сменија бравата на партиската канцеларија во Скопје [од каде што ги извршував обврските како секретар на партијата] и ја презедоа партиската веб-страница и нејзините страници на социјалните мрежи. Неколку дена претходно тие ја киднапираа сметката на партијата, на која штотуку беа депонирани 90.000 евра државни средства – резултат на успехот што Левицата го имаше на претходните парламентарни избори. Од тој момент се изгуби секаков контакт со Апасиев и малата група поддржувачи кои не можејќи да ги наметнат своите идеи демократски на мнозинството во партијата, се одлучија за насилно преземање на партијата преку фалсификати“, вели во разговорот Џејлан Велиу. (Н.В.)