Џафероски: Пироманството мора да се изедначи со тероризам


Со над 500 пожари во март, авионите на Дирекцијата за заштита и спасување многу често се гледаат на македонското небо. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, вели дека пожарите се подметнуваат смислено, за да се добие дрво за огрев, како и поради палење стрништа и сува трева. Бара ригорозни казни за потпалувачите, оти во крајна линија, загрозуваат човечки животи.

Каде се во моментов авионите на Дирекцијата за заштита и колку авиони се ангажирани?

Дирекцијата располага со три авиони, а според стандардните оперативни процедури, два летаат, а еден е на земја, за објекти од прва категорија, од висок национален интерес. Авионите летаат три саати, одмораат, па потоа уште три часа може да летаат, во текот на 8 часа. Деновиве направија три налети над Чашка и продолжија за Македонски Брод, каде што превентивно ќе дејствуваме за да не стигне огнот до фабриката во Самоков. Бидејќи авионите за гаснење на пожари се ограничен и скап ресурс, правиме приоритет. Прв приоритет е кога се загрозени човечки животи и нивниот имот, втор – стари и густи шуми и непристапни места каде што може да се направи голема материјална штета. Информации добиваме од терен. Луѓето од подрачните единици на ДЗС се во постојан контакт, авиоодделението од вчера сабајле е активно. Вклучени се сите можни човечки и материјално-технички ресурси со кои располагаме – единиците за локална самоуправа, ЈП „Национални шуми“, противпожарните единици, граѓаните.

Од каде полнеа вода ер-тракторите за пожарот во Чашка?

Ја избираме најблиската локација, во случајов, тоа е Скопскиот аеродром. Набавивме нова пумпа и го скусивме времето за полнење од 15 минути на минута и пол. Од слетување до полетување има 2-3 минути.

Точно е дека само во март се регистрирани над 500 пожари?

Да и тоа е фрапантен податок. Незапаметено е да имаме за еден месец над 120 налети со авионите, над 300.000 литри исфрлена вода овој месец, а март уште не е завршен.

И ова е човечки фактор, ова е намерно палење на шумите. Ќе мора да бидеме поригорозни со законската регулатива и да ја следиме европската регулатива. Мора да пресечеме, Шпанија имаше ист ваков проблем, па го реши. Опожареното дрво е евтино огревно дрво. И затоа ги опожаруваат шумите. Мора да се забрани продажба на опожарено дрво и да има ригорозни казни за нелегална продажба. Пироманството мора да се изедначи со терористички напад. Со пироманството се загрозуваат животите на луѓето. Видовте што се случи лани во Атина, гореа живи луѓе.

Побаравте ли вакви промени во регулативата?

Ме радува што успеав да ја убедам Владата да прифати да отпочнат темелни реформи во системот за управување со кризи. Тоа е сериозна реформа. Имаме таргет до крајот на оваа година целата законска регулатива да биде изменета во делот на воспоставување единствен систем за управување со кризи, со измена и дополнување на законите за шуми, за цивилна заштита, здравство и секаде каде што има допирна точка со управувањето со кризи.

Дадовме десетици апели до граѓаните затоа што е сува вегетацијата, да не палат стрништа и пасишта. Сточарите палат сува трева за да може со пролетните дождови да никне нова трева, за да имаат пасишта. Исто и тие што палат стрништа, вакво однесување е недозволиво. Инспекторите од Министерството за земјоделство и шумарство, локалните инспектори, шумската полиција треба да излезат на терен, сето тоа е систем.

Суштинска работа на Дирекцијата е да воспостави систем за заштита и спасување на ниво на држава во кој ќе бидат вклучени сите релевантни институции, а не да биде дежурен пожарникар, не е ДЗС комунално претпријатие.

Многу е извесно дека до година ќе набавиме ер-трактор двосед

 

До каде е реализацијата на идејата за купување на уште еден противпожарен авион?

Разговаравме со Владата и многу е извесно дека следната година тој воздухоплов ќе биде кај нас. Тоа ќе биде мултифункционален авион, ќе се користи и за гаснење пожари и за обука на пилоти. Нема да има потреба да ги испраќаме пилотите на обука надвор од државата, туку ќе направиме мини авиоцентар, регионален, каде што ќе се обучуваат и ќе прават тренинг. Тоа ќе биде авион од ист тип, „ер трактор“, само двосед. Нашите инструктори ќе може да обучат нов, млад кадар, затоа што имаме пилоти што се веќе пред пензија. Тоа ќе биде голема заштеда, зашто ќе имаме наш авион, наши инструктори. Концептот е направен  и заштедата е повеќекратна.

Анита Салтировска