Џафери тврди: Пратениците со скафандери присуствуваа според протокол


Претседателот на Парламентот, Талат Џафери, ги направи беспредметни заканите од опозицијата дека ќе поднесат кривична пријава за присуството на болните пратеници од ковид, посочувајќи дека таквата постапка била спроведена според протоколот на Собранието. 

„Вчера пратениците кои се заразени со Ковид-19, беа донесени во посебни простории и според посебен протокол. Опозициските пратеници, откако дознаа за тоа од медиумите, покажаа спремност за учество на седниците. Двете седници не траеја подолго од еден час“, изјави Џафери, коментирајќи ја вчерашната седница во Парламентот.

Според него, протоколот за спроведување на позитивни пратеници во Собранието за гласање бил започнат уште на 30.7.2020 година, кога претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски доаѓал во Собранието за да се увери дека постојат услови за такво нешто.

„За спроведување на протоколот испратив писмо до Министерството за здравство на 17-ти ноември и добив потврден одговор следниот ден, со што вчера беше потврден, и според него вчера беа донесени пратениците“, појасни Џафери..

Како можно трајно решение Џафери најави дека наскоро ќе почне вакцинацијата на пратениците која ќе спречи вакви ситуации. Двајцата позитивни пратеници вчера немале контакт со никој друг во Собранието туку по  завршувањето на гласањето  се вратиле со возилото за Брза помош.

Тој порача дека народните избраници мора да можат да работат и во вонредни и воени ситуации, а доколу и понатаму има условувања и блокади од опозицијата во Собранието,  не ја исклучува можноста повторно ковид позитивни пратеници да дојдат на гласање во скафандери.