Џафери се спаси од интерпелација


Фото: Б. Грданоски

Пратениците синоќа не ја изгласаа интерпелацијата за претседателот на Собранието Талат Џафери, што ја поднесе опозицијата. „Против“ гласаа 61 пратеник, а „за“ беа 43 пратеници.

Во текот на дебатата, опозицијата го обвини Џафери за кршење на одредбите од Уставот и Деловникот за работа на Собранието, за немање капацитет за водење на собраниските седници и за несоработка со пратениците од опозицијата. Според опозицијата, се почесто има скандали во работењето на претседателот на Собранието, а меѓу последните ги посочија заклучувањето на пратениците во пленарната сала и користењето на непристоен речник во комуникацијата со службите во Собранието.

Фото: Б. Грданоски

За парламентарното мнозинство, кое се изјасни дека нема да даде поддршка на интерпелацијата, ваквиот потег на опозицијата е обид поскоро да се врати на власт. Интерпелацијата, како што посочија, е непримерна, а претседателот на Собранието треба да продолжи да го води законодавниот дом. Единствениот кочничар во Собранието, според парламентарното мнозинство, е опозицијата која прави блокади и острукции и оневозможува да функционира законодавниот дом.

Претседателот на Собранието Талат Џафери од собраниската говорница во текот на денешната расправа и порача на опозицијата да се погледне во огледало и да се преиспита. Рече дека во изминатиот месец опозицијата изнела многу лични навреди кон него, но дека тој нема да зборува на тој начин.

Фото: Б. Грданоски

По неприфаќањето на интерпелацијата, претседателот на Собранието рече дека ќе продолжи да работи во насока на тоа да не се узурпира законодавниот дом и најави дека ќе продолжи комуникацијата со сите пратеници.

– Без оглед на начинот на гласање, важно е што се нарушија тезите дека интерпелациите се држат во фиока. Ми останува да им се заблагодарам и на тие што гласаа за моето разрешување и на оние кои гласааа против моето разрешување. Како и да е, работата на законодавниот дом ќе продолжи, а граѓаните се оние кои ќе ја направат проценката бидејќи никој од нас не е непогрешен. Ќе кажам дека со моите постапки нема да дозволам да се узирпира овој дом кој му припаѓа на народот. Продолжува и комуникацијата со секој од вас, рече Џафери.

Фото; Б. Грданоски

Интерпелацијата беше поднесена на 30 мај од страна на ВМРО-ДПМНЕ.