Џафери очекува влада на 15 и 16 јануари
Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува изборот на новата влада да се случи на 15 и 15 јануари и од следниот ден таа да стане функционална. Џафери тоа го соопшти на брифинг со новинарите.
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак мисли дека тоа ќе се случи за некој ден подоцна. Синоќа, по состанокот на Централниот одбор на партија, кога беше избрано новото раководство Ковачевски изјави дека очекува владата, чиј премиер ќе биде тој, да биде избрана на 18 јануари, ден пред празникот Водици, кој е неработен ден. Тоа значи дека првиот ден за новата влада би бил неработен. Инаку, 15 и 16 јануари се сабота и недела и прашање е дали владата би се избирала за време на викенд.
Кој подобро ги предвидува датумите останува да се види. Но првата работа што треба да се случи е утре. Како што се најавуваше, претседателот Стево Пендаровски треба да му го додели мандатот за составување влада на Ковачевски и тој да ги почне официјалните консултации за состав на новиот кавбинет.