Џафери: Независно кој е на власт, пратениците треба да бидат објективни кон ревизорските извештаи


Независно кои партии се на власт, а кои во опозиција, пристапот во третирањето на ревизорските извештаи секогаш треба да биде објективен, транспарентен и со високо ниво на стручност во читањето, разбирањето и одлучувањето од страна на пратениците, порача денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.

Пред потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Собранието на Република Северна Македонија на завршниот настан од твининг проектот „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, Џафери напомена дека при разгледувањето на ревизорските извештаи треба да постои високо ниво на единственост меѓу различните политички опции, да биде објективно и ирелевантно кој е носител на извршната власт или на која политичка партија припаѓа некој избран функционер.

-Воспоставувањето професионално одржливи и ефикасни односи со ДЗР за уште подобар надзор на трошењето на јавните средства и поголема отчетност на институциите кои се финансираат од државниот буџет, е целта на Меморандумот. Унапредувањето на нашата соработка ќе придонесе за подобро уравување со државните пари, но и ќе обезбеди транспарентнсот во нивното трошење. Надзорот ќе биде потранспарентен ако постои изградена пракса и механизам на доставување на конечните извештаи, нивно групирање по теми, запознавање на пратениците со нив и разглдување на конечните ревизорски извештаи во Собранието, рече Џафери.

Главниот ревизор во Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Република Северна Македонија Максим Ацевски рече дека Меморандумот предвидува доставување податоци во делот на конечните ревизорски извештаи, како и поддршка на работењето на стручните собраниски служби во делот на доставените конечни ревизорски извештаи.

-Со Меморандумот е утврдена и обврската на ДЗР да подготови водич за улогата на ДЗР и Собранието во делот на подобрување на начинот на управување со јавните средства во земјава, истакна Ацевски.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир, во обраќањето на настанот пред потпишувањето на Меморандумот, порача дека подобрувањето на работата на ДЗР ќе значи поголема отчетност и ефикасност во секој сегмент на државната администрација што, пак, ќе има, како што напомена, позитивен резултат во секојдневниот живот на граѓаните.

-Реформата во управувањето со јавните финансии и јакнењето на функциите на надворешната ревизија се клучни елементи во подготовката на земјата за пристапување кон ЕУ. Сега, со процесот на проверка, времето е созреано да се размислува како да се придвижиме напред со оваа реформа. Ова се однесува на секоја област. ве молиме искористете ја можноста што ви е дадена за да се придвижите понатаму со реформите. Стандардите и принципите се поставени, процесот на проверка и преговори се огромна можност за да се оди напред, во интерес на сите, потенцира Гир.

Осврнувајќи се на проектот, тој напомена дека целта не е само да се подобри законската рамка и институционалниот капацитет на ДЗР, туку и да се подобри парламентарниот надзор врз јавните средства и соработката меѓу двете институции – ДЗР и Собранието.

-ЕУ го поздравува потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу ДЗР и Собранието. Очекуваме да резултира со подобро следење на препораките во ревизорските извештаи и подобра отчетност на субјектите на ревизија. Се надеваме и дека новиот закон за државна ревизија, изработен со поддршка на овој проект, ќе биде наскоро усвоен и дека ќе помогне да се зголеми независноста на ДЗР, како и да се подобри соработката со Парламентот, истакна Гир, додавајќи дека и натаму остануваат предизвиците како уставното препознавање на ДЗР како независно тело, јакенње на неговиот капацитет и подобрена отчетност на субјектите на ревизија во следењето на препораките.

Твининг проектот ИПА 2018 финансиран од ЕУ „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“ се спроведуваше во соработка со Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и Националниот завод за ревизија на Република Бугарија. Претседателот на Националниот завод за ревизија на Република Бугарија, Цветан Цветков оцени дека е постигнат одржлив развој и напредок. Тој се осврна на четирите компоненти од проектот: независност, институционален капацитет, добро владеење и транспарентност. Според заменик-главниот ревизор на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, Недиљка Рогошиќ, пак, планираните проектни активности навремено и квалитетно завршиле, а очекуваните резултати во голема мера се постигнати.

Буџетот на проектот, што почна на 1 февруари 2021 година, а завршува на 31 октомври 2022 година, изнесува 1,5 милиони евра. Во текот на проектните активности, како што беше речено на завршниот настан, се реализирале различни обуки/работилници за повеќе од 90 учесници/ревизори на ДЗР. Во заедничка работа со колегите од земјите – членки, ревизорите на ДЗР извршиле 15 пилот-ревизии во седум ревизорски области, 47 ревизори од ДЗР учествувале во стажирања во земјите-членки на ЕУ, а биле организирани и седум успешни студиски посети на партнерските институции на ЕУ. Севкупно, биле спроведени 43 активности низ 145 мисии извршени со учество на повеќе од 40 краткорочни експерти од Хрватска, Бугарија, Естонија и Шпанија.