Џафери нема да свика седница за проблемите со Бугарија

Спикерот смета дека нема потреба да го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со пратениците


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери не сакаше денес да го  коментира своето учество на партиските собири на ДУИ и забелешките од новинарите дека како претседател на Собранието на партискиот лидер Али Ахмети му се обраќа со „команданте“, нешто што е неуместо во 2023 година.

„И да е 2101 година на Ахмети ќе му се обраќам со команданте. Работа на наш однос е како ќе му се обраќам на Ахмети“, рече Џафери.

Тој  нема да свика исто така собраниска седница за инцидентите кои ги нарушија дипломатските односи на Македонија и Бугарија и смета дека нема потреба да го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со пратениците, бидејќи министерот секогаш доаѓал на комисии и сите одговори во врска со темата можел да ги даде таму.

Џафери на средба со новинарите рече дека постапката за уставни измени најдоцна би требало да почне во јуни – јули годинава за да заврши до ноември, кога завршува и скринингот од ЕУ. Претседателот на Собранието не смета дека предвремени парламентарни избори се решение за двотретинско мнозинство за уставните измени, туку напротив дека тие само дополнително ќе ја искомплицираат целата ситуација. 

„Јас можам да распишам избори само во моментот кога ќе се согласат политичките партии да се распушти Собранието или кога ќе заврши маднатот во последните 90 дена. Во други услови партиите треба да излезат со соодветен предлог“, рече Џафери.

 За најавите за зголемување на владејачкото мнозинство не сакаше да зборува но рече дека ново парламентарно мнозинство би било добредојдено.

Од незадоволните пратеници од „огнената група“, Џафери вели дека на седници не доаѓа само Изет Меџити и оти доколку има некоја промена, тој ќе треба да го извести за неговиот статус. Другите пратеници од ДУИ што се од „огнените“ доаѓаат во Собранието.