Џафери најави македонска резолуција за злосторствата во Украина
Џафери, кој беше прв наш функционер кој отпатува за Киев, поради силните безбедносни протоколи, покрај летот до Варшава,поминал во воз и во автомобил повеќе од 34 часа.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, по посетата на Киев, Ирпин и Буча, потврди дека Македонија е решена да ја поддржи Украина, според потребите на таа земја и според договорите во НАТО каде што сме земја членка.
Џафери, кој е прв политичар од Македонија што отпатува во Киев, одговорил на поканата на украинската Рада, испратена до сите европски парламенти, и тоа ,како што рече, било гест на лична, но и институционална поддршка на напорите на украинските институции да го вратат мирот и контролата врз целата своја територија. Како резултат на посетата тој најави дека во Собранието ќе иницира донесување на резолуција со која ќе се дефинираат состојбите во Украина во однос на злоделата што се направени таму.
Патувањето до Киев според Џафери било според силни безбедносни протоколи и траело 17 часа само од Варшава, а по осум поминати во Киев, уште толку назад.
„Во Украина отидов на покана на претседателот на Врховната Рада, Руслан Стефанчук. Патувањето се одвиваше комбинирано со авион до Варшава, до границата со моторни возила и потоа до Киев со специјален воз воспоставен за странски делегации кои ја посетуваат Украина. Зоната во која што се движевме е надвор од воените дејствија и намерата беше на лице место да се видат последиците од тие дејствија“, изјави Џафери на брифинг со новинарите.
Запрашан каква конкретна помош понудил на средбите и дали таа подразбира и воена, Џафери кратко рече – „се што треба“, иако нагласи дека за деталите ќе се решава дополнително во институциите. Наедно тој најави дека наскоро ќе се организира донаторска конференција за Украина во Варшава и дека таму нашата држава ќе каже конкретно со што може да помогне на нападнатата држава.
Неговите впечатоци од теренот беа дека моралот во Украина е се уште на високо ниво и дека луѓето се ангажирани и на работните места, и во институциите. Се што можело да биде обработено како земјоделско земјиште, според Џафери, е обработено. Она што го видел во Буча и во Ирпин, според нег, било неспоредливо со она што сме виделе во војната кај нас, откако од новинар беше прашан дали „како амнестиран учесник во војната во 2001 година верува дека парамилитантните единици во Донбас, кога ќе заврши војната во Украина, треба да се амнестираат исто така“.
„Неспоредливи се двете ситуации. Ако ја видите ситуацијата ќе сфатите дека е така“, рече Џафери, чија посета во македонската јавност во голема мерка беше дочекана со ваква реакција.
Во овој контест Џафери беше запрашан дали ќе присуствува на откривањето на новиот споменик на ОНА во Слупчане и дали смета дека, по толку многу изградени досега, им треба уште еден, на што тој избегна да одговори директно.
„ Тој настан е на Бајрам, а на Бајрам се седи дома“, рече Џафери.
Околу забелешката дека многу патува во последно време и дали тоа значи дека можеби се подготвува за претседателски кандидат, Џафери одговори во негов стил, дека „не се подготвува никогаш за ништо“ и дека впечатокот е таков бидејќи заради короната претходно долго бил само во земјата.
Тој не сакаше да коментира исто така дали има потреба од нова територијална поделба на земјата, по неколкупати повторените избори во Центар Жупа и во Маврово и Ростуше, каде што според забелешката на новинарите, општина има – а луѓе не.
-„Тоа прашање се уште не е отворено, но треба да се размисли“, рече Џафери не сакајќи без било какви дискусии меѓу партиите и во институциите за таа тема, да излегува со свои оценки за ваква тешка тема. (Н.В.)