Двојно да се зголеми процентот на извозни компании, од сегашните 5 отсто на 10 отсто, порачува Азески
Стопанската комора на Македонија ќе постави цел во наредните години двојно да се зголеми процентот на компании кои извезуваат, од сегашните 5 отсто на 10 отсто, пишува во најновата колумна претседателот на Комората, Бранко Азески. Тој додава дека дел од таквата цел е дуплирање на бројот на производите – од 440 производи со компаративна предност да се извезуваат двојно повеќе производи, а најголем дел од нив да бидат производи со висока додадена вредност.
„Како ќе го оствариме тоа? Кај нас во Комората е сосема јасно дека централно место ќе имаат Националниот совет за извоз, Советот на странски инвеститори и Клубот на извозници. Државата заедно со економската дипломатија исто така треба да изврши преструктурирање во економските ресори за да обезбедат директна поддршка на извозните компании, а нашите фирми ќе треба брзо да се преструктурираат и да се ориентираат кон извозните можности“, вели Азески.
Тој за пример ја зема Германија која е најголемата економија во Европа и најважен трговски партнер на над половина од европските земји, а за нашата земја е број еден.
„Најголем трговски партнер на Македонија со вредност на извозот од 3.740 милиони евра. Но целиот наш извоз таму се сведува на 10 компании и 10 производи. 87,2 отсто од македонскиот извоз кон Германија го прават 10 компании, а 87,4 отсто од вкупниот извоз е базиран на само 10 производи. На крај, од вкупниот извоз на Македонија во Германија, земјоделско-прехранбениот сектор како еден од нашите најзначајни стратешки извозни сектор учествува со само 1 отсто. Ова е поразително, но од друга страна покажува колкав е нашиот неискористен извозен потенцијал кој како земја го поседуваме и кој сите заедно мора да работиме за да го искористиме“, вели Азески.
Во колумната Азески вели и дека појдовна точка за излез од сегашната состојба, како што покажуваат анкетите во повеќе од 300 компании и разговорите со над стотина значајни личности од бизнисот и науката, недвосмислено потврдуваат дека треба да биде Декларацијата за општествен консензус што Комората минатата година ја усвои на 100 годишнината од своето постоење.
„Врвен приоритет во наредните 10 години обележани со економските активности мора да биде извозот. Тоа го потврдуваат сите оние кои прашуваат, но и многу други кои знаат што е решението на економските проблеми на една мала земја како што е Македонија“, вели Азески.
Во четврток во Стопанската комора се организира стручна дебата со реномирани домашни и меѓународни претставници од бизнис секторот и академијата. Учесници ќе бидат академик Гоце Петрески кој ќе зборува зошто постоечкиот економски модел не може да испорача повисоки стапки на раст и која е улогата на извозот во забрзување на растот, професорот Дарко Лазаров кој ќе зборува за клучните проблеми и слабости со кои се соочува македонскиот извоз и како тие адресирани слабости да се надминат, претседателот на Белгиската комора Оливер Вилокс кој ќе го сподели искуството на Белгија како успешна извозно ориентирана и развиена економија, професорот од престижниот лондонски универзитет Славо Радошевич кој преку искуството на земјите од Југо-Источна Европа ќе даде предлози како нашата економија подобро да се интегрира во регионалните и глобалните синџири на снабдување, и неколку домашни успешни бизнисмени кои ќе го споделат своето искуство за тоа како нивните компании станале успешни извозни компании и што е она што државата и Комората треба да го направат за да бидат вистински сервис на извозните компании.