Две музички содржини на „Охридско лето“ – концерт на млади виолинисти и настап на Младинскиот оркестар на Западен Балкан


Фестивалот „Охридско лето“ вечерва нуди две музички содржини – завршен концерт на Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика и настап на Младинскиот оркестар на Западен Балкан.

На завршниот концерт ќе се претстават најуспешните учесници на Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, кој од 2014 година се одржува во Охрид под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулиева.

Семинарот постои од 2009 година, а низ неговите програми досега поминале повеќе од 150 ученици и студенти од Македонија и од повеќе европски земји. Покрај младите музичари, на семинарите учествуваат и педагози, изведувачи и професионални музичари.

Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработувал со бројни светски уметници, а неговите студенти досега освоиле повеќе од 150 меѓународни награди. Гулиева е пијанистка и педагог на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен и настапува како солист и камерен музичар.

Втората музичка содржина е концертот на Младинскиот оркестар на Западен Балкан, формиран во 2019 година под уметничко раководство на диригентот и пијанист Десар Сулејмани.

Оркестарот е создаден со идеја преку музиката да ги поврзува младите уметници од различни земји и култури и да поттикнува регионална соработка. Од своите почетоци прерасна во образовна платформа за млади музичари од Западен Балкан, Европската Унија и други земји.

Преку проби, работа со искусни музичари и ментори, турнеи и концерти, учесниците стекнуваат професионално искуство, но и создаваат простор за културна размена, дијалог и соработка. Концертите на оркестарот во земјите од Западен Балкан ја промовираат неговата мисија за надминување на разликите и градење мостови меѓу младите генерации…

Завршниот концерт на учесниците на Семинарот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 17 часот, додека за концертот на Младинскиот орекстар на Западен Балкан е резервирана сцената „Долни Сарај“ од 21 часот.