Гори Источна Македонија, дванаесет села во земјава зафатени од пожари. Има и една жртва (Видео)

Горат села и шума во општините Свети Николе, Пробиштип, Куманово, Штип, Старо Нагоричане. Човекот што починал е од Кумановско, вдишал премногу чад


Гори Источна Македонија. Дванесет села се зафатени во пожарите кои од попладнево беснеат во земјава, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој во моментов е во Светиниколскиот регион, каде што огнот влезе во три села и опожарени се стари куќи, но и куќи во кои живее месно население во селата Немањици и Малино. Според Ангелов, пожар се движи и кон градот Свети Николе.

Ангелов попладнево информираше дека како последица на пожарите почина едно повозрасно лице од кумановско Кокошиње, кое вдишило премногу чад.

„Се надеваме дека пожарот ќе го пресечеме доволно далеку од градот, со цел истиот да не дојде до објектите што се дел од предградието. За жал имаме изгорени куќи, повеќе од куќите во село Немањици се стари и напуштени, но овде имаме зафетено и куќи во кои живее месното население. Зафатени села со пожарите се и на територија на Општина Куманово, три села и тоа село К’шање, Кокошиње и Мургаш, каде што претежно има викендици. На територија на Општина Старо Нагоричане три села Малотино, Ригињци и Коњух, потоа во Општина Свети Николе Немањици, Орел и Малино. Во суштина овој пожар во село Немањици, каде што се наоѓаме сега започна од селото Орел, кој изби некаде на сред село и тргна наваму со голема брзина“, вели Ангелов.

 

Во Општина Пробиштип се зафатени две села: Горно Барбарево и Стрицовци, додека на територија на Општина Штип е зафатено село Стар Караорман. Тој додаде дека според досегашните информации дел од овие пожари се ставени под контрола.

Во селото Немањици, буквално гори од сите страни. Изгорени куќи има и во горниот и во долниот дел на селото, во последен момент е спасена и црквата. Мештаните забележуваат дека тројца нивни соселани со полиција биле извлечени од нивните куќи и бачила, кои сакале да ја спасат покуќнината, но и овците во бачилата. Пожарот брзо се ширел поради ветерот кој дува во Овчеполскиот регион. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, истакна дека во селото Орел се изгорени неколку куќи, а во село Немањици изгорени се една четвртина од куќите.

„Самиот ветар не ни дава мир и не знаеме што ќе се случи во текот на ноќта, има пожар во село Малино на Ѓуриште и мислам дека пола село е изгорено, старо село, со тоа што пожарот се провлекува веќе надолу и накај патарината на автопатот Свети Николе Миладиновци“, вели Владев.

Пожарот од село Немањици се шири кон селото Ерџелија, на терен со огнените стихии на територија на Свети Николе се пожарникари од ТППЕ-Свети Николе, Штип, Велес, Неготино, Кавадарци, пожарникари доброволци, припадници на Армијата. Хелиокоптер со ведро ги гаснеше куќите во Немањици, а вода полнеше од блиската брана Мавровица. Опожарени се земјоделски површини и лозја, како и нискостеблеста шума и трева. На повеќе локации во Овче Поле со механизација се прават и пресеци со цел пожарите да не зафатат куќи и земјоделски површини.

 

 Владев вечерва на социјалните мрежи информираше дека пожарите направиле голема штета на куќите и имотите во неколку села.

„Во гаснењето учестваа пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, ДПД Свети Николе, пожарникари од Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цел ден гасеа пожари за кој им се од срце заблагодарувам“, вели Владев.

Посочи дека борбата со пожарите ќе продолжи и во текот на ноќта.

„ Еден апел до сите наши сограѓани…Ве замолувам да не коментирате без потреба и да не дозволиме непотребно да им ја потценуваме работата и маката на луѓето кои цел ден гинеа на терен“, вели Владев.