Дваесетина сандаци со пчелни семејства уништени од мечка


 Дваесетина сандаци со пчелни семејства се уништени најверојатно од мечка ноќеска на имот на пчеларот Владимир Гавриловски во тетовско Непроштено, Општина Теарце.

Оваа неприлика со која се соочил пчеларот е дел од состојбата која овој месец е честа во потшарпланинскиот регион, посочуваат од здруженијата на пчелари.

-Во текот на оваа година, заклучно со денеска (20 јуни) во СВР Тетово пријавени се вкупно 33 случаи на направена штета од дивеч. Најголемиот број од пријавените случаи се однесувале на поширокото подрачје на Теарце, а најчесто биле напаѓани сандаци со пчели, најверојатно од диво животно (мечка). Во овој период евидентирани се и неколку случаи на усмртен добиток, крави, кози и друго, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Јуни и јули се месеците кога во тетовскиот регион се собира приносот од работата на пчелите. Пчеларите во тетовскиот регион периодов ги завршуваат работите за собирање на медот од пчелните семејства, за да во август започнат со подготовките за зимските месеци.

-Не е мал бројот на пчелари кои не го пријавуваат оштетувањето поради долгта процедура за обесштетување, изјави Владимир Петровски од здружението на одгледувачи на мед „Полошки мед“.

Ако пчелните семејства се уништени од диви животни особено мечка, која е заштитена и не смее да се лови, тогаш тешко оди обесштетувањето на пчеларите. Тоа можат да добијат само ако ја тужат државата а тоа трае многу години.