Дваесетина градоначалници имале поддршка од Заев


Илустрација

СДСМ е фаворит за победа на престојните локални избори. Воведовме мерит систем преку кој што ја следиме работата на градоначалниците, го мериме нивниот учинок да бидат сервис на граѓаните, најави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

„Моменталниот систем што го имаме во партијата, овозможува да го анкетираме целокупното членство да каже кој е најдобриот кандидат за нив. Ќе успее интенцијата за отворени листи за локалните совети, за да ги одбереме најквалитетните луѓе, а не луѓе на кои ќе задоволиме личните апетити, со тоа што ќе се најдат на советничките листи“, рече Николовски.

Тој повтори дека СДСМ ќе постави високи стандарди и критериуми кандидатите за градоначалници и советници да може да се најдат на листата.

„Носиме голема одговорност заради големиот број на градоначалници кои моментално ги имаме. Претседателот соопшти бројка од дваесетина имиња, односно градоначалници кои што спроед системот на следење покажуваат резултати и успешно спроведување на политиките. Тие добија поддршка од претседателот, меѓутоа треба да ја отвориме и внатрепартиската постапка. Треба да ги направиме анкетите и меѓу граѓаните и внатрепартиски. Системски сме добро поставени и верувам дека квалитеот ќе излезе на виделина,“ изјави Николовски.

Одлуката на Радмила Шеќеринска да не се кандидира повторно за заменик-претседателка на СДСМ, според Николовски, е лична.

„Ова е период во кој што имаме само избран претседател на партијата, сите други органи на некој начин се во оставка. СДСМ постојано се менува и победува и сметам дека и во тој правец треба да продолжиме да работиме“ рече Николовски.

Тој објасни дека во моментов привршуваат општинските изборни конференции кои ќе предложат кандидати за членови на Централниот одбор на партијата.

„СДСМ е единствената политичка структура која што има општинска организација во секоја општина, тоа ниту една друга партија го нема. СДСМ е репрезент на сите етнички заедници  и на сите структури во државата. Анкетите покажуваат дека имаме апсолутна предност кај малите етнички заедници. Концептот на 50-50 мажи и жени кои што го имаме, значи дека 60 членови на Централниот одбор треба да се жени, а 60 мажи. Имаме јакнење на младинските капацитети. Верувам дека ќе имаме одличен состав на следниот Централен одбор“, рече Николовски.

Тој објасни дека сите партиски функции ќе бидат избрани на конгресот на 16 мај по изборот на Централниот одбор на партијата. Запрашан за тоа дали тој ќе остане да биде генерален секретар на СДСМ и по конгресот, Николовски најави дека неговиот мандат досега го смета за успешен и дека ќе остави на структурите во партијата да одлучат.

„Од редот на новиот Централен одбор треба да се избере Извршен одбор, треба да се избере генерален секретар и потпретседатели. Од редот на Извршниот одбор се бира и организациски и меѓународен секретар“, објасни Николовски.