Дваесет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“


Сто и петнаесет збирки и автори од Македонија и светот се пријавиле на конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“, во годината кога се одбележуваат 95 години од раѓањето на Поповски и по деветти пат се организира меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

-Ваков неверојатен интерес кај творците на потската реч не се памети до сега на ниту еден друг конкурс за поезија кај нас. Среќни сме што делото на Анте Поповски е силен мотив за поетско творештво кај поетите од неговата Македонија и Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски упатува огромна благодарност до сите кои ја споделија со нас нивната поетска збирка. Упатуваме голема благодарност и до авторите од Турција, Германија, Шведска, Србија, Норвешка, Белгија, Црна Гора, Полска, Велика Британија, САД и Хрватска кои, исто така, зедоа учество на конкурсот. Трендот што започна минатите години и на што Здружението особено се гордее, е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски и оваа година беа вистински магнет учество да земат и автори од други етнички заедници, соопшти организаторот. 

За пристигнатите 115 стихозбирки посочува дека се одликуваат „со оригиналност и креативност во поетскиот израз, а некои од нив со нивната хибридност и експерименталност, повторно покажуваат дека поезијата е уметнички медиум кој креира посебни литературни светови кои не познаваат граници“.

Жири-комисијата за доделување на наградата „Антево перо“, во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева Златева (членови), ги разгледала сите стихозбирки збирки, кои оваа година пристигнале во рекорден број, и на првата средба избрала 20 поетски книги во поширок избор: Ерол Туфан – „Недовшени песни“; Белинда Сипкоска Гаштарова – „Домот ми е полн со небо“; Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“; Шифра: Змијско грозје – „Женска дивина – машко техне“; Лидија Размоска Тримовска – „Патот до Огнена“; Јулијана Младеновска Тешија – „Чекркот“; Наташа Лазарева – „Живот во три здивови“; Сефер Рамиз Рамче – „Крвави солзи“; Александар Спасовски – „Пловидба“; Пајо Авировиќ – „Ние двајцата“; Александар Русјаков – „Дегустација на жената“; Деспина Сиљаноска – „Оракулиум“; Софија Грандаковска – „Архивски песни“; Милош Соколиќ – „Име во идно време“; Маја Мојсова – „Ајта“; Даниела Андоновска Трајковска – „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“; Маику – 7/8 слобода; Ивана Брезовец – „Булките над градот“; Слаѓана Ставрева – „Ткајачки на светови“ и Шифра: Допри го ветрот – „Изида од алабастер“.

-И овојпат, жири-комисијата, со особено задоволство и внимание го проследи учеството на младите автори. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвои седум збирки поезија: Лиле Стефановска – „Здивот на твоето отсуство“; Дарија Јовановска – „Протекување“; Бојан Димовски – „Гареж од метафори“; Ива Додевска – „Координати на притајот“; Васја Мицковски – „Патот дома“; Марија Велинова – „Штрингла“ и Дарија Трендафиловска – „Параферналија“, се наведува во соопштението. на следниот состанок жири-комисијата ќе го стесни изборот на стихозбирки пријавени на конкурсот. хс/дма/