Дваесет месеци затвор за сопственикот на „Беса транс“, во чиј автобус загинаа 45 лица

Беким хаџиу користел лажна јавна исправа за да врши превоз на патници преку граница. Таква исправа не била издадена од Министерството за транспорт


 

Трагичниот случај од ноември 2021, кога загинаа 45 македонски туристи во Бугарија, денеска доби судски епилог.

Сопственикот на компанијата „Беса транс“, Беким Хаџиу, денеска беше осуден на 20 месеци затвор и парична казна од 800.000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице. Хаџиу е осуден за продолженото кривично дело „фалсификување на исправа“.

Судијата Ивица Стефановски, кој денеска ја објави пресудата во Основен Кривичен суд Скопје, наведе дека обвинетите Беким Хаџиу и правното лице „Беса Транс“ се виновни затоа што обвинетиот како управител во повеќе наврати користел лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус. Со оваа лажна исправа автобусот преминувал дваесетина пати преку македонската граница.

Застапник на обвинението беше Владимир Милошевски. Во завршните зборови тој рече дека обвинителството докажало оти обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар.

„Обвинителството понуди и изведе над 100 докази поврзани со кривично-правниот предмет на подигнатото обвинение, а во смисла на преземени дејствија на првообвинетиот како управител на обвинетиот правен субјект“, рече Милошевски.

Тој тогаш потсети дека еден од сведоците, претставник на Министерството за транспорт и врски, во сведочењето навел дека за конкретниот автобус нема издадено лиценца ниту постои барање во Министерството за транспорт и врска за да се издаде лиценца.

Смртта на 45-те патници во Бугарија во автобусот на „Беса транс“ е еден од најтрауматичните настани во поновата историја на Македонија.