Дури 73 отсто од граѓаните мислат дека во земјава нема политичар со интегритет
Истражувањето што го спроведе Форумот за разумни политики за состојбата на политичкиот интегритет во земјата покажа поразителни резултати за перцепцијата на граѓаните кон политичарите, државните институции и партиите. Во истражувањето што за потребите на Форумот го спроведе „Тим институт“ во август годинава покажа дека граѓаните се многу песимистички во однос на одговорноста и патот како да се стигне до неа. Но, во исто време, иако граѓаните не веруваат дека има политичари со интегритет, тие повторно гласаат за таквите политичари како што се покажа на локалните избори.
Дури 73 отсто од анкетираните рекле оти „не веруваат дека во земјава има политичар со интегритет“ . А уште поголем процент од 83 отсто не се сеќаваат дека некоја институција се извинила за направена грешка.
Кога оценуваат каков треба да биде профилот на политичарот на врвот со 9,7 процентни поени е – чесноста.
Тоа е во дискрепанца со начинот на кој потоа одлучуваат на избори граѓаните, рече Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики. Според него, Форумот се залага за нормирање на политичкото дејствување и дека политичарите мора да знаат кога е моментот да си поднесат оставка од морални причини. Како два актуелни примери ги наведе однесувањето на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, по откривањето на коруптивниот скандал во програмата ИПАРД 3 и в.д. претседателката на Кривичниот суд, чиј брат е во куќен притвор дека како службеник на УЈП бил вмешан во корупцијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Судењето за кочанската трагедија се води во судот со кој таа во овој момент раководи.
Форумот разви Индекс на политички интегритет (ИПИ) — прв ваков инструмент во земјата, осмислен да ја измери, да ја поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. ИПИ не е инструмент за осуда, туку алатка за поттик, учење и партнерство. Неговата суштина е во превенцијата и во препораките, а и во поттикнување на јавните актери да дејствуваат со доблест и одговорност, како и на граѓаните да ги препознаат и поддржат тие вредности, велат од Форумот за разумни политики.