Дуќанчињата исплашени дека враќањето ДДВ ќе им ги избрка купувачите
Дуќанчиња, маалски бурекчилници и продавнички се исплашени дека големата акција за враќање на ДДВ на граѓаните ќе им го намали прометот, а некои се дури и револтирани оти мислат дека државата скриено ги тера да бидат ДДВ-обврзници. УЈП вели дека не е така, а даночните експерти им даваат совет – ставете налепница на врата дека со вашите сметки нема поврат на ДДВ, ама затоа сте поевтини. Ваква е дел од теренската слика на неколку дена пред јулскиот старт на проектот за враќање на 15 проценти од платениот данок.
„Граѓаните се подготвени за собирање сметки, ама дали некој им објасни дека кога купуваат кај нас добиваат фискална сметка, но со неа не можат да направат поврат на ДДВ“, вели еден скопски дуќанџија. Тој не е регистриран како ДДВ-обврзник, што законот го дозволува за оние што немаат оданочлив промет над еден милон денари во годината.
„Откако почна да се зборува за враќањето на ДДВ, доаѓаат купувачи и ме прашуваат зошто на сметката нема ДДВ. Слушнале на телевизија дека имало лажни фискални сметки и ме прашуваат дали и ние издаваме такви. Им објаснувам дека сè е легално, дека ова се фискални сметки од лиценциран апарат. Ама, со моите сметки купувачите нема да можат да направат враќање на данокот. Имам продавница со двајца вработени, значи мала фирма. Законот треба сите да нè стави во рамноправна положба, а не едни да ги стимулира, а други не. Да затвориме ли? Или сосила нè тераат да станеме ДДВ-обврзници. Нашите купувачи се ценкаат за 50 денари и сега ќе одат да купуваат во големи, брендирани дуќани за да добијат поврат“, вели газда на дуќан додавајќи дека од први јули ќе треба на муштериите да се мачи да им објаснува и даночни закони.
Од УЈП објаснуваат дека според предлог-законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, право на поврат ќе имаат граѓаните што купиле добра или користеле услуги само од регистрирани обврзници за целите на ДДВ, односно само од фискални сметки на кои е искажан и пресметан данокот на додадена вредност.
„Маалските дуќани кои не се регистрирани за целите на ДДВ, во издадените фискални сметки немаат прикажано ДДВ поради што и нема да се врши поврат на ДДВ по издадени фискални сметки од нивна страна бидејќи пресметаниот ДДВ во фискалните сметки е нула“, изјавија од УЈП.
Даночниците не сметаат дека со оваа мерка даночните обврзниците кои не се регистрирани за цели на ДДВ се ставени во нерамноправна положба.
„Истите за извршениот промет на добра, производи, трговска стока како и за извршените услуги немаат пресметувано ДДВ и немаат обврска да пресметуваат ДДВ. Доколку би сакале да припаднат под примена на законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица, според Законот за ДДВ имаат можност доброволно да се регистрираат за целите на ДДВ“, велат од УЈП.
Упатените во даночна проблематика укажуваат дека малите дуќанџии имаат две можности, или „хендикепот“ да го претворат во предност и да привлечат нови муштерии или да се регистрираат како ДДВ-обврзници.
„Тој што не е регистриран ДДВ-обврзник не должи ДДВ за својот промет. Значи, не го искажува во сметката. А тој што ќе купи од кај него, нема што да поврати. Но тоа истовремено значи дека тој има право за сметка на ДДВ од 18 или 5 отсто, да биде поевтин. Де факто, ваквите обврзници би било многу логично да се поевтини на пазарот. Од друга страна, ако им се исти цените со тие што се ДДВ-обврзници, граѓаните ќе одат кај тие што се ДДВ-обврзници бидејќи ќе добијат фискална сметка од која може да го повратат пресметаниот ДДВ. Може да се јави конкурентска предност. Иако ова се ретки случаи, зашто во трговијата речиси не се исплати да не си регистриран ДДВ-обврзник, бидејќи тоа дава право на одбивка на влезното ДДВ од набавките. Ако купиш домати 100 денари, внатре ако има 5 отсто ДДВ и ако ги продадеш 120, ќе ти биде многу важно да ги одбиеш тие 5 отсто“, појаснува Павле Гацов, даночен консултант.
Оттука и советот – маалските дуќанчиња веднаш да ја намалат цената за износот на ДДВ, и со пониски цени да им конкурираат на тие што издаваат фискални сметки со ДДВ. Зашто за дел од граѓаните е поприфатливо да добијат пониска цена веднаш отколку да чекаат поврат.
„Нивните сметки не се лажни, туку сосема законити. Лажни се оние од компјутерските систем, што не се фискална каса поврзана со УЈП. За да нема забуни, јас да сум во таква состојба би залепил налепница со објаснување дека не сум ДДВ-обврзник, но затоа кај мене цените се пониски“, вели Гацов.
Што вели законот?
Во вчера донесениот Закон со кој државата ќе им враќа на граѓаните дел од платениот ДДВ, стои дека основната причина за негово носење е да се намали даночната евазија, со тоа што на некој начин самите ќе бидат инспектори, со тоа што ќе бараат да им се издадат фискални сметки.
„Поради тоа, се очекува и зголемување на регистрираниот промет преку фискални системи на опрема, како и зголемена наплата на даноците, односно намалување на даночната евазија од даночните обврзници. Со законот се пропишува дека физичките лица кои имаат навршено 15 години возраст, доколку ги исполнат условите пропишани со законот, ќе можат да го остварат правото на враќање на дел од данокот на додадена вредност“, стои во Законот, каде што се дообјаснува и дека граѓаните ќе треба да ги пријавуваат податоците од бар-кодот на фискалните сметки преку апликативен софтвер на УЈП. Износот на пресметан данок од кој ќе се враќа данокот изнесува најмногу 12.000 денари во едно тримесечје. Ограничен е и највисокиот износ на поединечна фискална сметка, за која може да се оствари правото на враќање на данокот, на 30.000 денари.
„Законот вели дека доколку граѓаните ги искористат сите свои фискални сметки што ги добиваат од издавачите на фискални сметки, фискалните сметки се очекува да бидат негативни во максимален износ од 50 милиони евра годишно“, стои во Законот.
Законот се донесе по скратена постапка. Враќање нема да има за фискалните сметки за кои е издадена сметкопотврда или фактура ниту, пак, за сметки за струја, вода, телефонски услуги, греење и ладење. Правото на враќање на данокот може да се оствари само еднаш за една иста фискална сметка. Нема враќање на данокот за фискална сметка над 30.000 денари или за фискална сметка која е сторнирана. Тој што чека враќање на дел од ДДВ треба да биде регистриран корисник на системот за електронска пресметка за приход и данок (ЕППД) на Управата за јавни приходи и да има трансакциска сметка во Македонија. Отчитувањето на бар-кодот преку апликацијата треба да се направи најдоцна во рок од 10 дена од датумот на издавање на фискалната сметка, по кој рок фискалната сметка не може да се користи за остварување на правото на враќање на данокот.
Според „Фајнанс тинк“, само 738 денари годишно ќе вратат најсиромашните семејства
Во законот стои дека УЈП ќе ги враќа парите во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка. Најнискиот износ што тримесечно се враќа е 50 денари. Доколку износот на данокот за враќање е понизок, истиот се пренесува за исплата за наредното календарско тримесечје.
Парите што ќе ги врати УЈП не се доход кој подлежи на натамошно оданочување.
За фирмите што издаваат фискални сметки законодавецот предвидел глоби од 250 до 1.000 евра за различни махинации, на што се додава и глоба од 150 до 250 евра за одговорното лице во правното лице. Глоба во износ од 250 евра има и за граѓаните кои пријавувале сметки од комуналии или сторнирани сметки. Враќањето на данокот и исплатата на средствата на трансакциска сметка на физичките лица за третото календарско тримесечје од 2019 година, ќе се изврши најдоцна до крајот на 2019 година, стои во Законот.
Анита Салтировска