ДУИ уште е во филм


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Кампањата заврши, а ДУИ се уште е во филм: чека Мала Речица да стане центар на моќта во Македонија, а таму да се води политика како во Обединетите нации.

Додека другите партии се разбудија, ДУИ и натаму живее во сонот што му го овозможија македонските граѓани кои не излегоа да гласаат. Со само 105.000 гласови од запишаните над 1.800.000, со 15 пратеници од 120 во Собранието, со  кандидат за премиер што е избран откако другите на кои им било понудено одбиле, ДУИ сака да пишува историја и да инсталира прв Албанец премиер на Македонија. Буквално да инсталира, така што, според изјавите од партијата, ќе ги одбиваат сите понуди да влезат во Влада додека не дојде редот на нив да го добијат мандатот. Зошто, пак, некои што одбиле веќе да влезат во влада чиј премиер го условува ДУИ би прифатиле да бидат дел од влада што ДУИ ќе ја составува, не е јасно од нивните изјави.

Идејата на ДУИ за премиер Албанец има многу фабрички грешки. Пред се, Македонија е плуралистичка демократија, а не партократија, па со политички инжинеринг да се инсталира премиер само затоа што е Албанец, иако зад него стојат едвај над 5 проценти од гласачите во државата. Она што се случи на 15 јули беа ИЗБОРИ на кои граѓаните излегоа да ИЗБЕРАТ кој да ги преставува и каква програма да спроведува, така што природно се поставува прашањето – кој гласал за тоа ДУИ да ја води државата и уште повеќе кој гласал за тоа ДУИ да ја спроведува програмата што ја преведе на македонски два дена пред да заврши кампањата? Ако вака, како што замислува ДУИ, се инсталираат премиери, кој воопшто би излегол на следните избори во Македонија? И како да им се објасни на тие над 315.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и на тие над 327.000 гласачи на СДСМ дека им е изиграна политичката волја? И самиот ДУИ еднаш беше во ситуација да види како изгледа кога се игнорира гласот на граѓаните, откако ВМРО-ДПМНЕ одби да ја вклучи во власта.

Ваквата влада на ДУИ, што ќе биде лесно условувана и дестабилизирана од кого било  во идниот парламент ќе ја направи карикатура на тоа што треба да биде и неизбежно ќе стане – вазалска. Најмалку што ни треба сега, пред престоечката голема економска и здравствена криза, да имаме премиер марионетка на кој фактор можат да му бидат дури и двата пратеника на Левица.

Прашање е исто така кого ќе преставува Насер Зибери како премиер освен што нема да ја преставува волјата на гласачите во Македонија и нема да ја преставува ни ДУИ, бидејќи не е член на таа партија и најавува дека ќе биде натпартиски. Во ДУИ очигледно ги измешале лончињата и не сфаќаат дека, ако не е технички, најмалку што треба да нема еден премиер е партиска база која ќе му дава сила да се носи со притисоците и да нема партиска боја. Просто кажано, натпартиски кандидати немаат што да бараат на премиерската функција, а тоа го видовме и самите во кратката плуралистичка историја. Кој ќе ја носи на крајот на краиштата одговорноста за одлуките што ќе ги носи Зибери и што ако, индивидуалец каков што е, се разиде и со очекувањата на ДУИ, колку и да им е благодарен што го именуваа за мандатар?

Она што им е јасно на сите освен на ДУИ, исто така, е дека тие не победија туку македонските партии изгубија гласови, уште повеќе што нивната победа е извојувана во изборни единици во кои е регистрирана најмала излезност во државата, т.е. со преполовена поддршка. И, сега, тој факт сакаат да го компензираат барајќи поддршка од другите албански партии, откако во изминатиот мандат покажаа колку се толерантни кон политичките противници откако еднаш ќе ги употребат за да се инсталираат на власта.

На амбициите на ДУИ не им оди во прилог ни билансот од нивното 18-годишно седење во власта. Освен што нивните кадри, со ретки исклучоци, важеа за најслаби во изминатите влади, освен што под нивно раководство двапати се запали Поштата и буквално упропастуваа ресори, а нивните министри за правда бараа правда, сега сакаат некој да им поверува дека можат да водат држава. И тоа држава од која граѓаните на последните избори пратија јасна порака дека сакаат ПРАВДА, збор што не важи за функционерите од оваа партија.

Иако не може да се спори дека ДУИ во клучни моменти одигра клучни потези во интерес на државата и дека имаат многу заслуги, мора јасно да се каже исто така дека успесите со кои се фалат (НАТО, ЕУ, Законот за јазиците…) им ги оствари лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Кога не беше Заев, а беше Груевски, рејтингот им отиде во бездна, така што само благодарејќи на политиката на Заев како премиер си вратија, и од угледот, и од гласовите кога сите ги отпишаа како партија.

На крајот на краиштата, на Македонија и треба премиер менаџер кој треба да ја оствари последната стратегиска цел, а тоа е стабилна и силна економија, а Зибери не е таков профил. Наредните две недели имаат време да се симнат на земја, да си ги средат хормоните и да гледаат како се прави влада зад нивни грб ако продолжат да инсистираат на апсурдни идеи.